Свет
Кина: Уапсениот новинар не се претставил како репортер на Би-би-си
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека новинарот на Би-би-си, кој беше приведен и ослободен неколку часа подоцна додека известувал за протестите во Шангај, не се претставил на полицијата како новинар.
Портпаролот на Министерството, Жао Лиџијан, оцени дека објавата на Би-би-си за овој инцидент не го одразува она што навистина се случило, пренесе „Ројтерс“.
„Според нашето разбирање, изјавата на Би-би-си не е точна. Властите во Шангај потврдија дека односниот новинар не го открил својот новинарски идентитет, не ја покажал отворено својата странска прес-картичка. Инцидентот се случил кога полицајците побарале од луѓето да се разотидат, a некои од нив не соработувале, па биле одведени од местото на настанот“, изјави Жао.
Странските новинари во Кина се обврзани да носат картичка издадена од владината служба за акредитација за да се идентификуваат како акредитирани новинари кога известуваат за одредени настани.
„Би-Би-Си“ вчера објави дека кинеската полиција нападнала и привела еден од нивните новинари кој известувал за протестите во Шангај, но дека тој бил ослободен неколку часа подоцна.
„Би-би-си е крајно загрижен за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и со лисици додека известуваше од протестите во Шангај. За време на неговото апсење, тој беше претепан од полицијата, иако имаше ингеренции“, рече портпаролот на британскиот јавен сервис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија ја нападна Украина со 68 дронови
Русија синоќа истрела 68 беспилотни летала и четири ракети врз Украина, соопшти украинската армија.
„Две балистички ракети Искандер-М ги погодија регионите на Полтава и Одеса, а две ракети Х-59 беа лансирани кон регионите Чернихив и Суми“, соопштија украинските воздухопловни сили на апликацијата за комуникација Телеграм.
Украинските сили за противвоздушна одбрана, наводно, уништиле 31 дрон.
Свет
Украинската армија цврсто ги држи позициите во регионот Курск, вели Зеленски
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека украинската армија цврсто ги држи позициите во регионот Курск, иако руската армија се обидува да ги врати назад.
– Во врска со операцијата Курск, Русија се обиде да ги потисне нашите позиции, но ние се држиме, изјави Зеленски во вечерното радио обраќање.
Руската армија на почетокот на неделата соопшти дека вратила две села во Курската област и најави дека ќе продолжи со акциите за истиснување на украинските сили од нејзината територија.
Зеленски призна дека украинскиот упад во регионот Курск во август беше осмислен за да се повлечат руските војници од позициите во источна Украина, каде што напредуваа изминатите месеци.
Руските војници сè уште напредуваат во источна Украина, особено кон Покровск, клучен логистички центар за украинските сили.
Регион
Во Македонија почувствуван земјотрес, епицентарот е во Врање
Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди јужна Србија, а истиот е почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Епицентарот на земјотресот бил на 12 километри североисточно од Врање, а потресот бил на длабочина од 14 километри и се почувствувал во 4 часот и 48 минути по локално време.