Свет
Во Кина, по обидот за атентат, веќе се продаваат маици со фотографијата на Трамп

Кинеските веб-страници за е-трговија веќе продаваат маици и торби со крвавото лице на Доналд Трамп по обидот за атентат врз него на митингот во Пенсилванија во саботата.
Престрелката, која сега е под истрага на ФБИ, се чини дека само ја зголеми непредвидливоста на она што веќе се очекуваше да биде многу тесна претседателска трка пред изборите во ноември 2024 година, пишуваат медиумите во светот.
На „Таобао“ и на други веб-страници за е-трговија производителите на маици почнаа да продаваат облека со широко споделена фотографија на Трамп, направена само неколку моменти по одекнувањето на истрелите и додека агентите на Тајната служба се обидуваа да го одведат од сцената.
На „Веибо“, најголемата кинеска онлајн-страница за социјални медиуми, Трамп стана најпопуларна тема. Корисниците ги коментираа реакциите на поранешниот претседател на сцената, пишува „Њузвик“.
„Реакциите на Трамп се прилично брзи“, напиша еден корисник.
„Трамп, дефинитивно, ќе биде избран“, додаде друг корисник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Расправија за време на минутата молк за Кирк во Претставничкиот дом

За време на минутата молк за Чарли Кирк во американскиот Претставнички дом избувна жестока расправија.
„Ве молам, станете за момент молитва за Чарли Кирк и неговото семејство“, ги повика присутните претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.
Додека пратениците стоеја во тишина во речиси целосно исполнетата сала на Претставничкиот дом, за време на минутата молк за влијателниот десничарски активист што беше убиен на универзитетски настан во Јута, републиканската пратеничка од Колорадо, Лорен Боберт, побара гласна молитва.
„Тивки молитви даваат тивки резултати,“ рече Боберт и побара молитвата да се изговори „на глас.“
Според „Њујорк тајмс“, во тој момент демократските пратеници почнале да довикуваат обвинувања дека републиканците го игнорираат пукањето во училиште во Колорадо, кое исто така се случило истиот ден.
Во меѓувреме, пратеничката Ана Полина Луна, републиканка од Флорида, стана и почна да вика: „Сите вие сте виновни за ова.“
Претседателот Џонсон неколку пати се обидуваше да ги смири пратениците, удирајќи со чеканот и повикувајќи на ред. На крајот рече: „Ќе се приклучиме во молитва веднаш по ова, во ред?“
Свет
Медведев: Можеби е време МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци

Дмитриј Медведев, поранешниот руски претседател и премиер, а денес заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, го коментираше убиството на влијателниот десничарски активист Чарли Кирк.
„Политички злосторства и атентати неодамна беа извршени од разни лево-либерални злобници кои го поддржуваат бандеровски Киев. Фицо, Кирк. Кој е следен? Можеби е време тимот на МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци“, напиша Медведев на „Икс“.
Кирк, инаку близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, држеше говор пред публика на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута, кога беше застрелан во вратот. Тој беше префрлен во болница во сериозна состојба за итна операција, но почина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо го преживеа атентатот во мај минатата година. Фицо беше подложен на неколку операции откако се здоби со животозагрозувачки повреди во пукањето. Атентаторот беше идентификуван како 71-годишниот Јурај Цинтула, кој рече дека не се согласува со политиката на сегашната влада.
Свет
Германец преживеа 96 часа заглавен во лифт: „Никогаш не ја сакав полицијата, но тогаш им се израдував“

Маж од германскиот град Оснабрик доживеал вистински кошмар кога останал заглавен во лифтот од сопствениот семеен дом – цели 96 часа, без храна, вода и можност да повика помош.
Полицијата потврди дека инцидентот се случил во јули, но деталите беа објавени дури неодамна. Иако неговиот идентитет и точната возраст не се откриени, познато е дека човекот е во своите седумдесетти години.
Не е јасно зошто неговата семејна куќа има лифт, бидејќи според полицијата, мажот не бил лице со посебни потреби.
На фотографијата направена во лифтот се гледа очајот во кој се наоѓал – панелите на кабината биле искинати, а металните компоненти искривени, очигледно во обид да излезе или барем да привлече внимание.
Како што наведува полицијата, мажот немал мобилен телефон со себе, а поради дефект на осигурувачот не работело ниту копчето за итни случаи. На крајот, животот му го спасил неговиот син, кој по неколку дена без контакт со татка си, повикал полиција.
На местото веднаш биле испратени двајца полицајци, кои по пристигнувањето слушнале слаб глас од внатрешноста на лифтот. Несреќниот маж бил дехидриран и целосно исцрпен, по што веднаш бил пренесен во болница.
Според медицинските проценки, човечкото тело може да преживее без вода три до пет дена, во зависност од условите.
Кон крајот на август, откако закрепнал и се вратил дома, човекот ги поканил полицајците на кафе за лично да им се заблагодари.
Тогаш им рекол: „Како љубител на брзи автомобили, никогаш не ја сакав полицијата – но тогаш бев пресреќен што слушнав глас од вас.“
Полицајците на ова одговориле со доза хумор, па на својот официјален „Инстаграм“ профил напишале:
„Без разлика дали сте пријател на полицијата или не – ние сме тука за сите вас.“