Свет
Кинескиот амбасадор ги повика кинеските студенти во Британија да ѝ служат на татковината
Потсетувајќи на реториката на Мао Ѕедунг за време на културната револуција, кинескиот амбасадор во Лондон ги повика кинеските студенти кои студираат во Велика Британија да ѝ служат на својата татковина во ек на зголемената загриженост за влијанието на Пекинг врз западните универзитетски кампуси, пренесува „Тајмс“.
Во неодамна откриените коментари дадени за наградата на кинеската влада за извонредни самофинансирани студенти во странство, амбасадорот Лиу Сјаоминг рече: „Се надевам дека ќе продолжите со славната традиција на патриотизам. Се надевам дека секогаш ќе ги живеете личните соништа со стремеж кон кинескиот сон за национално подмладување. Се надевам дека со она што го научивте овде и сега можете да им служите на својата татковина и народ во иднина“.
Како одговор на коментарите, професорот Кристофер Хјуз од Лондонската школа за економија изјави за „Тајмс“:
„Идејата за патриотизам, во кинески контекст, значи поддршка на Комунистичката партија. Тоа значи да се бара обединување со Тајван. Тоа значи целосно уништување на тибетските аспирации за автономија. Тоа значи уништување на Хонг Конг. Тоа предизвикува многу наши принципи на академска слобода. Колку повеќе кинески студенти има, толку повеќе се контролирани и искористувани од Кинеската амбасада. Постојат разни групи формирани за да го следат нивното однесување. Затоа, тие не се чувствуваат безбедно. Тоа значи дека се подложуваат на самоцензура“.
Во Велика Британија во моментот има околу 120.000 кинески студенти. Во ноември Комитетот за надворешни работи утврди дека студентите од Кина се активно вклучени во пропаганден напор на кампусите да извршат притисок врз наративот за поддршка на Кинеската комунистичка партија и да го задушат слободниот говор за чувствителните прашања за партијата, како што се Тајван и Хонг Конг.
Напорите што ги прават некои кинески студенти често се организираат од универзитетските разграноци на Институтот „Конфучиј“, кој тврди дека е само средство за ширење на кинеските јазик и култура, но всушност е подружница на кинеското Министерство за образование, кое е под надзор на Централниот пропаганден оддел на Комунистичката партија. Во моментот има 29 разграноци на Институтот „Конфучиј“ во цела Британија.
Кинески претставници на Институтот „Конфучиј“ се обвинети во Велика Британија за конфискување документи што го споменуваат Тајван, како и за затворање на настаните во кампусот кои се фокусираа на Тајван или на Тибет.
Изјавите на кинескиот амбасадор најверојатно се одговор на растечкиот спор со САД откако американскиот претседател, Донал Трамп, во мај објави дека неговата администрација ќе ги ограничи визите за кинеските дипломирани студенти во услови на загриженост поради интелектуалната шпионажа.
„Со години владата на Кина спроведува незаконска шпионажа за да ги украде нашите индустриски тајни. Денес ќе издадам проглас за подобро обезбедување на виталното универзитетско истражување на нашата нација и за суспендирање на влегувањето на одредени странски државјани од Кина, кои ние ги идентификувавме како потенцијален безбедносен ризик“, рече Трамп.
Во јуни Министерството за правда објави дека еден од водечките хемичари во Америка, поранешниот шеф на Катедрата за хемија и хемиска биологија на Универзитетот „Харвард“, д-р Чарлс Либер, беше обвинет дека давал лажни изјави за неговата врска со кинеската програма „Илјадници таленти“ (ТТП). Се верува дека програмата е клучна форма на напорите на ККП за кражба на интелектуална сопственост од Западот.
Тензиите се зголемуваат и меѓу Велика Британија и комунистичкиот режим во Пекинг, кои предупредија дека Велика Британија ќе ги сноси сите последици поради одлуката на премиерот Борис Џонсон да отвори пат за државјанство за најмногу 3 милиони жители на Хонг Конг по воведувањето на драконскиот Закон за националната безбедност на градот кој ќе служи за задушување на слободата и автономијата што му беа ветени на Хонг Конг во Кинеско-британската заедничка декларација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

