Свет
Кинеските власти сакале да ја цензурираат смртта на лекарот кој предупредил за коронавирусот?
Во интервју за државните медиуми кон крајот на декември медицински експерти се обидоа да ја известат јавноста за појавата на коронавирусот, кој моментно беснее во Кина. Еден од докторите што предупредуваа беше и Ли Венлијанг, офталмолог кој почина по кратко боледување од коронавирус.
Тој беше доктор во една од главните болници во Вухан, а на почетокот бил задржан и во притвор поради наводно ширење лажни вести за смртоносен вирус.
Венлијанг во приватна онлајн-група за разговор меѓу доктори предупредил за ширењето на вирус сличен на САРС.
„Само сакав да ги предупредам колегите од својот универзитет да бидат внимателни“, изјави Венлијанг за Си-ен-ен.
Ова го кажа од својот болнички кревет кога и самиот се разболе. Неговата состојба се влошила бргу и во меѓувреме починал станувајќи една од стотиците жртви на епидемијата што од кинескиот Вухан се прошири во целиот свет.
Реакцијата на кинеските социјални мрежи за смртта на Венлијанг беше бурна, а ситуацијата очигледно предизвикала целосна забуна во кинеската машинерија за цензура, пренесува Би-би-си.
Темите поврзани со цензура се строго забранети во Кина, а по смртта на Венлијанг, завршија на насловната страница на социјалната мрежа „Веибо“. Тие беа избришани само по неколку часа, што е редок доказ за неодлучноста на кинескиот интранет.
Како што пренесуваат западните медиуми, на „Веибо“ се појавиле две водечки теми – „Владата на Вухан му должи извинување на доктор Ли“ и „Сакам слобода на говорот“. На нив коментирале десетици илјади корисници пред да бидат избришани.
Хаштагот „Сакам слобода на говорот“ привлекол речиси два милиона луѓе, но исто така бил избришан во меѓувреме.
Гневот поради смртта на лекарот се влошила поради очигледниот и брз обид да се контролира наративот во врска со случајот, пренесува „Индекс“ повикувајќи се на Си-ен-ен.
Веста за смртта на докторот најпрвин ја објавија кинеските државни медиуми, од каде што се прошири во целиот свет.
Болницата подоцна извести дека Ли Венлијанг бил во критична состојба, но не и мртов.
„Глобал тајмс“ беше меѓу првите поголеми кинески медиуми што објави дека лекарот починал. Тој информацијата ја пренел повикувајќи се на пријатели на лекарот и доктори од болницата. По неколку часа, ја избришаа својата првична објава.
И покрај тоа што прогласувањето на докторот за мртов и потоа повлекувањето на оваа информација, можеби е ненамерна грешка (кинеските медиуми не би биле првите што погрешно пријавуваат нечија смрт), сепак уверлива е и можноста за потенцијална цензура, што беше доволна причина за гнев кај корисниците на интернет.
„Лекарот мораше да умре двапати. Тоа е национален срам“, напишал еден корисник на „Вичет“, популарна социјална мрежа во Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

