Свет
Кинеските сили напишале „Кина“ со огромни букви на земјиште за кое спорат со Индија
Кинеските сили ги зајакнале своите територијални побарувања на границата со Индија со тоа што го напишале името на нивната земја на спорното земјиште, пренесува индискиот радиодифузер НДТВ.
Мандаринските карактери со кои е испишано „Кина“ биле видени покрај силуетата на Кина на брегот на езерото Пангонг Цо. За натписите се вели дека се толку големи што биле забележани на сателитските слики.
Пангонг Цо е езерото на голема надморска височина на Тибетското Плато. Низ него поминува линијата на фактичка контрола, линија за демаркација која ги дели индиските и кинеските трупи од војната што ја водеа во областа во 1962 година. Тој западен сектор на линијата е силен поттик за тензија меѓу двете нуклеарно вооружени држави.
Серија од осум планински сртови, познати како „прсти“, се издигнуваат покрај бреговите на езерото Пангонг. Индија ги контролира „прстите“ од 1 до 4 и тврди дека нејзината територија се протега до најисточниот „прст“ 8. Кина, од друга страна, ја бара територијата „прст“ 2.
Кина и Индија претходно заеднички патролираа во спорната област помеѓу прстите 4 и 8, која е долга околу 8 километри. Но, кинеските сили од крајот на април кампуваат до прст 4, што ја разбесни Индија, која тврди дека Кинезите спречуваат патролите да одат до прст 8.
НДТВ, која прва ги разгледа сателитските фотографии, рече дека хиероглифите и картата се испишани меѓу прстот 4 и прстот 5.
„Ова јасно покажува дека кинеската армија нема намера да го напушти просторот во скоро време“, изјави индиски официјален претставник за „Тајмс на Индија“.
„Ние, исто така, мобилизиравме дополнителни армиски и ИТБП војници во областа од мај за секој случај. Ние сакаме да се врати состојбата на статус кво, а кинеската војска да се повлече во првобитната позиција“.
Двете страни имаа неколку пресметки лице в лице од април, бидејќи огненото оружје и експлозивите беа забранети по должината на граничниот регион во 1996 година. Најжестокиот судир се случи на 15 јуни, кога во долината Галван беа убиени 20 индиски војници, околу 120 километри северно од езерото Пангонг. Повеќе индиски весници објавија и повеќе од 40 жртви од кинеска страна, но Пекинг ги негираше извештаите.
И покрај договорот за разоружување меѓу кинеските и индиските воени команданти една недела подоцна, тие продолжија да собираат трупи, да градат кампови и креваат блокади на патиштата по должината на границата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

