Свет
Кинески санкции за сенаторите Тед Круз и Марко Рубио како одмазда за политиката кон Хонг Конг

Пекинг најави одмазднички санкции против САД, кои, меѓу другите, ќе бидат насочени кон републиканските сенатори Тед Круз и Марко Рубио кога Вашингтон ги обелодени планираните санкции за Хонг Конг, пренесува РТ.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ограничувањата на 11 американски државјани ќе стапат во сила од денеска. Тие вклучуваат неколку функционери, како и шефови на политички и организации за човекови права.
Одмаздничките мерки следуваат по санкциите на САД против 11 службеници, кои ги обвинува за потиснување на политичките слободи во Хонг Конг. Санкциите, во кои беа вклучени и главниот извршен директор на Хонг Конг, Кери Лам, и шефот на полицијата во градот, Крис Танг, беа осудени од владата на Хонг Конг како бесрамно и варварско мешање во нивните внатрешни работи додавајќи дека нема да бидат заплашени од ваквите мерки.
Вашингтон отворено ги поддржуваше протестите против Пекинг во полуавтономниот град, кои почнаа минатата година и честопати завршуваа со вандализам и судири со полицијата.
Тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон се зголемуваат. Минатата недела американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која за 45 дена ќе им се забрани на Американците да прават бизнис со кинеските фирми ByteDance и Tencent, кои работат со „Тик ток“ и „Вичет“.
Вашингтон тврди дека апликациите се користат за шпионирање на американските граѓани, тврдење што Кина одлучно го негира, а „Тик ток“ наводно се подготвува да поднесе тужба против одлуката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лекорни: Франција размислува за воведување на опционален воен рок

Канцеларијата на францускиот премиер, Себастијан Лекорни, наговести дека е во тек воведување на ревидиран, опционален воен рок во земјата.
Доброволниот програм најверојатно ќе вклучува сериозна воена обука и е осмислен да отвори пат за регрутирање во активниот воен состав или резервата, пренесува „Политико“.
Во јули, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе осмисли „нова рамка што ќе им овозможи на младите да служат“ војска, а најавата од кабинетот на Лекорни потврдува дека работата на нејзината реализација напредува.
Франција во 2019 година воведе универзален национален воен рок, односно едномесечна опционална служба за волонтери на возраст од 15 до 17 години, чија цел беше пренесување на француските вредности, но не вклучуваше посериозна воена обука.
Моментално не се зборува за повторно воведување на задолжителниот воен рок во Франција, кој беше укинат од поранешниот претседател Жак Ширак во 1997 година.
Свет
Кошта: На 1 октомври ЕУ ќе разговара за одговорот на руските провокации

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека лидерите на Европската унија ќе одржат состанок во Копенхаген на 1 октомври за да разговараат за колективен одговор на „новите руски воени провокации“, вклучувајќи го и влегувањето на три руски воени авиони во естонскиот воздушен простор.
– Нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на три руски воени авиони е уште една неприфатлива провокација – изјави Кошта на X.
Како што истакна тој, ова уште еднаш ја нагласува итната потреба од зајакнување на источното крило на НАТО, продлабочување на европската одбранбена соработка и интензивирање на притисокот врз Русија.
– Ќе го разгледаме нашиот колективен одговор на постапките на Русија на неформалниот состанок на Европскиот совет во Копенхаген на 1 октомври – додаде Кошта.
Како што претходно објави порталот Err.ee, три руски борбени авиони МИГ-31 влегле во естонскиот воздушен простор во областа на островот Виндло без дозвола и останале во естонскиот воздушен простор речиси 12 минути.
Свет
Руското министерство за одбрана ги отфрла наводите за нарушување на естонскиот воздушен простор

Руското Министерство за одбрана објави, во врска со обвинувањата на Естонија дека три руски борбени авиони го нарушиле воздушниот простор на земјата, дека планираниот лет од Карелија до аеродромот во Калининградската област бил извршен во согласност со меѓународните прописи и не ги прекршил границите на други земји.
„На 19 септември годинава, три руски борбени авиони МиГ-31 го извршија планираниот лет од Карелија до аеродромот во Калининградската област. Летот беше извршен во строго почитување на меѓународните прописи за воздушен простор и не ги прекрши границите на други земји, што беше потврдено со објективно следење“, се вели во соопштението на руското министерство, пренесува РИА Новости.
Претходно, естонското Министерство за надворешни работи објави дека во петокот го поканило вршителот на должноста амбасадор на Русија да достави протестна нота во врска со наводното нарушување на естонскиот воздушен простор од страна на руски борбени авиони МиГ-31.
Естонската влада ја обвини Русија за нарушување на нејзиниот воздушен простор , поради што Естонија побара консултации во рамките на НАТО согласно член 4 од Вашингтонскиот договор.
НАТО објави дека ќе одржи итен состанок на почетокот на следната недела за да ја разгледа ситуацијата.