Свет
Комеморација за жртвите од нападот во германскиот град Трир
Во германскиот град Трир денеска се одржа комеморација за петтемина граѓани кои загинаа кога автомобил влета во група пешаци во пешачката зона, при што беа повредени уште 15 лица.
„ Трир жали, Трир страда, но Трир нема да падне“, рече градоначалникот на градот, Волфрам Леибе, на комеморацијата во близина на местото каде 51-годишниот возач го изврши ужасниот чин.
Лаибе рече дека Трир „од Втората светска војна“ не доживеал нешто толку ужасно.
На комеморацијата пред историските ѕидини на Порта Нигра, од времето на Римската Империја, се собраа неколку стотици граѓани. Венецот за жртвите го положи и премиерот на сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, Мала Дрејер.
„ Никој не можеше ни да претпостави дека вакво нешто може да се случи во Трир“, рече Дрејер.
52-годишен Германец вчера со теренско возило влета со голема брзина во пешачка зона при што загинаа пет лица, меѓу кои и девет недели старо бебе. Меѓу загинатите се 45-годишниот татко на детето и три жени на возраст од 25, 52 и 73 години. Повредени се 14 лица, од кои четири потешко.
Досега не е утврден ниту еден политички или верски мотив. Возачот на автомобилот, германски државјанин со локални корени, имал ментални проблеми во минатото и за време на трагедијата бил во алкохолизирана состојба со 1,4 промили алкохол во крвта.
Според полицијата, тој последните неколку дена ги поминал во автомобилот со кој бил извршен масакрот.
Според изјавата на Државното обвинителство, тој свесно возел по кривулестата патека со намера да убие што повеќе минувачи. Осомничениот треба да биде изведен пред истражен судија денес, кој треба да нареди притвор или пренесување во психијатриска установа.
Министерот за внатрешни работи на Рајнска област-Пфалц, Роџер Левенц, изјави дека е тешко да се спречат нападите во кои автомобилот се користи како оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

