Свет
Конгресот потврди: САД ѝ даваат на Украина 40 милијарди долари
Претставничкиот дом на САД одобри помош од повеќе од 40 милијарди долари за Украина за да се одржи протокoт на воена помош и да се зајакне владата во Киев додека се бори против руската инвазија.
Претставничкиот дом го усвои законот за буџет со 368 гласа „за“ наспроти 57 гласа „против“, при што секој глас против е републикански. Законот сега е испратен до Сенатот, кој се очекува бргу да го одобри.
Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот да одобри дополнителни 33 милијарди долари помош за Украина пред две недели, но пратениците одлучија да го зголемат военото и хуманитарното финансирање.
„Овој закон ќе ја заштити демократијата, ќе ја ограничи руската агресија и ќе ја зајакне нашата национална безбедност, а што е најважно, ќе ја поддржи Украина“, рече демократката Роза Делауро, која претседава со Комитетот за распределба на Претставничкиот дом.
Бајден го повика Конгресот да дејствува бргу за да може да го потпише законот пред да истече постојната помош за одбраната на Украина овој месец.
Пакетот вклучува 6 милијарди долари за безбедносни програми во Украина, вклучувајќи обука, опрема, оружје и поддршка, 8,7 милијарди долари за надополнување на резервите во САД за замена на опремата испратена во Украина и 3,9 милијарди долари за операции на Европската команда.
Покрај тоа, законот дозволува дополнителни 11 милијарди долари, кои претседателот може да ги активира во итен случај без одобрение од Конгресот. Бајден побара 5 милијарди долари.
Законот исто така одобрува 4 милијарди долари за давање воена поддршка за Украина и другите земји погодени од кризата.
Соединетите Американски Држави испорачале оружје во вредност од повеќе од 3,5 милијарди долари од руската инвазија на Украина, вклучувајќи хаубици, противвоздушни системи „Стингер“, противтенковски ракети Javelin, муниција и неодамна откриените беспилотни летала Ghost.
Новиот пакет-помош вклучува и хуманитарна помош – 5 милијарди долари за справување со глобалната несигурност во храната поради конфликтот и речиси 9 милијарди долари за фонд за економска поддршка на Украина.
Таа обезбедува стотици милиони долари за помош на бегалците и ги финансира напорите за запленување на имотот на олигарсите поврзани со рускиот претседател Владимир Путин, чија влада ја нарече инвазијата на Украина специјална воена операција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.