Свет
Конзервираната храна со поминат рок ги труе жителите на Газа
Јадењето конзервирана храна со поминат рок во Појасот Газа поради големиот недостиг на храна предизвика труење кај Палестинците, објави во понеделникот Канцеларијата за медиуми на владата на Газа.
Канцеларијата наведува дека „луѓето јадат конзервирана храна со истечен рок на траење, што предизвикува голем број труења“.
„Гладот и болестите се во пораст меѓу населението во Газа, особено на децата“, се додава во соопштението.
Канцеларијата го обвини Израел дека спроведува систематска политика на гладување и спречување на жителите на Газа да добијат медицински третман.
Исто така, се додава дека цел на израелските сили биле општинските екипи, кои се обидувале да ги обноват бунарите за вода во регионот.
„Израелската армија директно гаѓаше и тимови за цивилна заштита намерно онеспособувајќи ги“, се наведува во соопштението.
Поради војната и израелските ограничувања, кои го прекршуваат меѓународното право, Палестинците во Појасот Газа, особено во северните области, се соочуваат со екстремен недостиг на храна, вода и лекови, што доведува до гладување.
Мартин Грифитс, потсекретарот за хуманитарни прашања на Обединетите нации, на 12 јуни предвиде дека половина од населението на Појасот Газа ќе се соочи со смрт и глад до средината на јули доколку не се укине блокадата со хуманитарната помош.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа, почната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Оттогаш повеќе од 37.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа, повеќето жени и деца, а околу 86.000 се ранети, според локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука беше да им се нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

