Свет
Контролор на лет во Индонезија се жртвувал за да спаси стотина патници
Бројот на загинати во силниот земјотрес и цунамито во Индонезија во неделата се искачи на 832, а луѓето на погодениот остров Сулавеси се обидуваат да дојдат до храна и вода. Случаите на грабежи стануваат сè почести, а во одредени области се зголемува тензијата бидејќи оттаму сè уште нема никакви информации.
Индонезискиот заменик-претседател Јусуф Кала, повикувајќи се на слични претходи катастрофи, рече дека можно е да настрадале илјадници и илјадници луѓе.
Во морето тажни приказни во врска со катастрофата во Индонезија, има и една тажна, но на прекрасен начин. Гунаван Агунг, 21-годишен контролор на летање, во петокот го жртвувал сопствениот живот со цел да го осигура полетувањето на патнички авион што превезувал стотина патници од погодениот крајбрежен град Палу, објави Би-би-си.
Агунг во текот на земјотресот со јачина од 7,5 степени одлучил да остане во контролната кула на аеродромот во Палу, иако ѕидовите почнале да пукаат и целата зграда се закосила. Агунг го насочувал летот 6321 на „Батик ер“ за време на полетувањето и не сакал да избега додека стотина животи биле во опасност.
„Оваа несебична и херојска одлука Агунг го чинеше живот, но со ваквиот чин тој спаси стотина други животи“, рече Јоханес Сираит, портпарол на воздухопловната навигација на Индонезија.
Откако авионот полетал од пистата, Агунг скокнал од четвртиот кат мислејќи дека кулата ќе се урне од потресот. При падот ја скршил ногата и добил сериозни внатрешни повреди од кои починал.
Земјотресот не ја урнал кулата, но тешко ја оштетил и уништил дел од пистата во должина од 250 метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

