Свет
Коронавирусот ги тргна странските питачи од улиците на Хелсинки
Финска беше во делумна вонредна состојба речиси две недели како резултат на појавата на новиот коронавирус Ковид-19, а операторите на засолништа за бездомници во финската престолнина Хелсинки велат дека нивните објекти се полупразни, пренесува националниот радиодифузер „Иле“.
Најзначајно е тоа што ромската дијаспора, која долго време беше препознатлив декор на улиците во Хелсинки, е повеќе од преполовена.
„Го забележавме тоа. Повеќе од половина се вратиле во своите матични земји“, вели Мика Паасолаинен, директор за услуги на институтот „Диконес“.
Неговата добротворна организација управува со две засолништа за итни случаи за бездомници во Хелсинки. Обично и двете се речиси полни со Роми од Бугарија и Романија. Наместо вообичаените 200 посетители, сега во објектите има 80-ина, вели Паасолаинен посочувајќи ги како причина итните мерки преземени од градот.
„Една од причините што доаѓаат е приходот, а сега тоа го снема“, објасни тој.
Според „Иле“, главните извори на приход за бездомниците во Хелсинки се продажба на стара хартија, собирање шишиња за рециклирање и просење. Второ, шпекулира Паасолаинен, желбата на бугарските и на романските Роми да се вратат дома можеби го забрза егзодусот.
„Оние што имаат пари да заминат и да бидат со своите семејства и децата го сториле тоа. Тие се плашеа дека ако Финска ги затвори своите граници, нема да може да се вратат дома“, вели тој.
Според Паасолаинен, повеќето од странските Роми во Финска се наоѓаат во регионот на Хелсинки. Тој претпостави дека ситуацијата од нивна гледна точка е еднакво лоша и во другите делови на земјата, но смета дека тие ќе се вратат кога пандемијата ќе се смири и мерките за итни случаи ќе завршат.
Минатата недела финската влада ја опколи областа на Хелсинки, која е дом на речиси една третина од населението на Финска или околу 1,7 милион луѓе како дел од својата стратегија за надминување на епидемијата.
Изминатата деценија присуството на улични питачи од источна и од јужна Европа, претежно Роми, претставува проблем во Скандинавија, што може да се види од многуте извештаи за организирано питање, поплаки од жители и загриженоста за санитарни услови. Во 2019 година во Финска беа регистрирани првите два случаја на принудно просење, проблем што привлече поголемо внимание во соседна Шведска.
Половина од Финците признаваат дека питачите ги нервираат, а најпозитивен став кон групата имаат членовите и приврзаниците на Левата алијанса, покажа претходната анкета.
Бидејќи Шведска и Финска остануваат меѓу европските нации со најмалку ограничувања за питањето, дебатата продолжува. Додека некои, како либерално-конзервативите Модерати во Шведска, се залагаат за целосна забрана на питањето, други, вклучително и групите и организациите за човекови права, апелираат на хуманост и тврдат дека таквата забрана е брутална.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски го разреши главниот телохранител по обидот за атентат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти шефот на агенцијата одговорна за неговата заштита. Промената дојде откако двајца службеници на агенцијата беа приведени за планирање на атентатот на Зеленски.
Разрешувањето на шефот на Државната стражарска служба (УДО) Серхиј Руд е објавено со указ на претседателската веб-страница. Причината за отказот не беше наведена. Руд беше назначен за главен телохранител на Зеленски во октомври 2019 година. Се уште не е објавено кој ќе го замени.
Двајца полковници обвинети за предавство
Задачата на УДО е да обезбеди безбедност на украинскиот претседател и високи владини претставници, како и заштита на административните згради.
Претходно оваа недела беше објавено дека се уапсени двајца безбедносни службеници кои наводно биле вклучени во руски заговор за атентат врз Зеленски. Двајца полковници на УДО се обвинети за „субверзивни активности против Украина во замена за финансиска компензација“, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.
Двајцата беа обвинети за предавство, додека еден беше обвинет за подготовка на терористички акт.
Свет
Државната дума на Русија го именуваше Михаил Мишустин за премиер
Државната дума на Русија на пленарниот состанок усвои предлог за резолуција за именување на Михаил Мишустин за премиер.
За овој предлог гласаа 375 пратеници, 57 беа воздржани, додека ниту еден од пратениците не гласаше против, пренесува РИА Новости.
Новиот премиер треба да поднесе предлози за структурата на федералните извршни тела до претседателот на Русија најдоцна една недела по неговото именување.
Свет
Стинг и „Колдплеј“ бараат ослободување на иранскиот рапер осуден на смрт
Активистите за човекови права, заедно со 100 музичари, вклучувајќи ги Стинг и „Колдплеј“, бараат ослободување на иранскиот рапер Тумај Салехи, осуден на смрт поради поддршка на масовните протести во Иран есента 2022 година. „Смртната пресуда на Салехи е кулминација на три години судско вознемирување вклучувајќи апсење, затворање и тортура“, се вели во петицијата на лондонската организација Index on Censorship.
Во многу од неговите песни пејачот го привлече вниманието на состојбата со човековите права во Иран. Во октомври 2023 година на Салехи му беше доделена наградата за слобода на изразување од страна на Index on Censorship.
„Мора да се дозволи уметноста да критикува, провоцира, преиспитува и предизвикува авторитет“, велат потписниците.
„Ниту еден уметник не треба да биде подложен на каков било вид судско малтретирање поради остварување на своето право на слобода на изразување, а камоли да биде осуден на смрт“.
Смртната казна за Салехи беше објавена на крајот на април. Оваа вест предизвика незадоволство во Иран и други земји во светот. Властите донесоа одлука во врска со поддршката на Салехи за масовните протести во Иран во есента 2022 година. Во минатото раперот со своите текстови ги критикува социјалните и политичките проблеми во земјата.