Свет
Коронавирусот може да се пренесе преку дишење, тврдат научници од Флорида
Група научници од Универзитетот во Флорида успеале да изолираат жив примерок од коронавирус од аеросоли што ги собрале од пациенти хоспитализирани поради Ковид-19 на растојание од два до помалку од пет метри.
„Ова го бараа луѓето. Ова е недвосмислен доказ дека вирусот се наоѓа во аеросолите“, рече Линзи Мар, специјалист за вируси што се шират во воздухот, која инаку не учествувала во истражувањето.
Откритието на научникот од Флорида беше објавено на интернет минатата недела, но сè уште чека рецензија. Сепак, ова не ја спречи дебатата за резултатите од истражувањето во научната заедница.
„Ако ова не е цврст и непобитен доказ, тогаш не знам што е“, напиша Мар на „Твитер“ минатата недела, а некои експерти велат дека сè уште не е јасно дали количината вирус што е пронајден во аеросоли е доволен за да зарази некого, пишува „Њујорк тајмс”.
Истражувањето било многу тешко да се спроведе, со оглед дека дијаметарот на аеросолите изнесува пет микрометри, а испарувањето дополнително го намалува. Обидите да се соберат минијатурни капки обично го оштетуваат вирусот.
„Многу е тешко да се земе примерок од биолошка материја од воздухот, а притоа да може да се употреби“, рече инженерот Шели Милер, кој ги проучува квалитетот на воздухот и болестите што ги пренесува, додавајќи: „Мораме да собираме примероци на паметен начин за да бидат слични на оние што луѓето ги дишат“.
Претходните обиди да се испита ширењето на вирусот преку аеросоли не беа успешни токму поради техниките за земање мостри.
Истражувачите од Универзитетот во Флорида ги сочувале примероците, со тоа што првин ги зголемиле со пареа и потоа ги префрлиле во течност полна со соли, шеќер и протеини, со што се сочувал патогенот.
Примероците за оваа студија биле собрани во собата за лекување пациенти со Ковид-19 во болницата „Хелт Шандс“ на Универзитетот во Флорида. Ниту еден пациент во собата не бил подложен на медицински зафати за кои се знае дека производуваат аеросоли.
Истражувачите ги собрале примероците на место што е оддалечено два метра од пациентите и на место што е оддалечено од нив речиси пет метри, што е многу повеќе од препорачаната оддалеченост што треба да се држи за да се намали можноста од инфекција со коронавирус.
Тие биле успешни на двете растојанија, а генетската анализа на вирусот покажала дека е идентична со онаа што се наоѓа кај пациентот, кој неодамна бил примен на лекување.
Воздухот во болничката соба бил менуван шест пати на час, а просторијата била опремена со ефикасни филтри и други мерки за безбедност, кои требало да го деактивираат вирусот пред да се пушти воздух во собата.
Водечкиот виролог на истражувачкиот тим, Џон Ледницки, рече дека тоа е причината зошто успеале да најдат само 74 честички на вируси во еден литар воздух.
Затворените простори со послаба вентилација, како што се училиштата, наводно содржат повеќе честички на вирусот.
Други научници, од друга страна, велат дека е тешко од овие откритија да се заклучи во каква опасност од зараза се наоѓа поединецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

