Свет
Косачев: Договорот ќе биде потпишан според условите на Москва, а не на Вашингтон

Константин Косачев, претседателот на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Руската Федерација, коментирајќи го предложеното примирје договорено меѓу американските и украинските претставници, денеска изјави дека секој договор ќе биде според условите на Москва, а не на Вашингтон.
„Русија напредува во Украина и поради тоа, ќе биде поинаку со Русија“, рече Константин Косачев во објавата на „Телеграм“, пренесува „Ројтерс“.
„Сите договори, со целосно разбирање за потребата од компромис, ќе бидат според наши услови, а не според американски услови. И ова не е фалење, туку разбирање дека таму, на бојното поле, сѐ уште се пишуваат вистински договори. Тоа треба да го разберат и во Вашингтон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Замрзнатите руски средства треба да се користат за помош на Украина

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, се залага замрзнатите руски средства во Европа да се користат за стекнување средства за одбрана на Украина, објавува „Фајненшл тајмс“.
„Европската унија би можела да ѝ даде на Украина бескаматен заем во износ од 140 милијарди евра, а замрзнатите руски средства во Европа би послужиле како гаранција“, напиша германскиот канцелар Фридрих Мерц (Христијанско-демократска унија ЦДУ) во гостинска статија за „Фајненшл тајмс“.
Како што рече Мерц, Украина ќе го врати заемот само кога Русија ќе ја компензира за штетите предизвикани за време на војната. Така, помошта на ЕУ за Украина би се финансирала со заем, а не со средства од националните буџети како порано, а средствата на Руската централна банка, кои се блокирани во Белгија, би послужиле како депозит.
Во исто време, Мерц нагласи дека е против конфискацијата на рускиот имот бидејќи тоа би било спротивно на меѓународното право.
Мерц рече дека е време Русија да биде принудена на преговарачка маса.
Тој рече дека ќе разговара за оваа тема со колегите од Европската Унија на претстојниот самит во Копенхаген.
Претседателката на Европската комисија – и партиска колешка на Мерц – Урсула фон дер Лајен, исто така, пред две недели рече дека треба да се најде начин за користење на замрзнатите руски средства во Европа за поефикасна одбрана на Украина од руската агресија.
Фото: ЕПА
Свет
Шефот на Пентагон свика итен состанок на стотици генерали и адмирали

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, им нареди на стотици генерали и адмирали итно да се соберат во базата на морнаричкиот корпус во Вирџинија следната недела, но причината за состанокот е во тајност, предизвикувајќи конфузија и загриженост во воените кругови по серијата преуредувања што ги спроведе администрацијата на Трамп. Пентагон покани воени претставници од целиот свет, а дури и врвните генерали и нивните штабови не знаат зошто, објавува „Вашингтон пост“.
Многу необична директива е испратена до речиси сите врвни воени команданти низ целиот свет, потврдија повеќе од десетина извори запознаени со ситуацијата. Наредбата е издадена претходно оваа недела, во услови на претстојно затворање на владата и месеци откако тимот на Хегсет објави планови за широка консолидација на воените команди.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, потврди дека Хегсет „ќе се обрати на своите високи воени лидери на почетокот на следната недела“, но не понуди дополнителни детали. Средбата е закажана за вторник во Квантико, Вирџинија.
Наредбата на Хегсет се однесува на приближно 800 генерали и адмирали распоредени низ САД и низ целиот свет, поточно на сите високи офицери со ранг на бригаден генерал или повисок на командни позиции, како и на нивните главни подофицери. Се очекува да пристигнат команданти од конфликтни зони и оние стационирани во Европа, Блискиот Исток и Азиско-пацифичкиот регион.
Ниту еден од изворите на „Пост“ не се сети дека некој министер за одбрана некогаш наредил таков масовен собир, а неколкумина изразија загриженост за безбедноста.
„Луѓето се многу загрижени. Тие немаат поим што значи тоа“, рече еден извор. Други изразија фрустрација што дури и команданти стационирани во странство биле замолени да дојдат, велејќи „така не се прави“.
„Не ги повикувате генералите и адмиралите што ги водат своите луѓе и глобални сили во соба надвор од Вашингтон без да им кажете зошто или која е темата или агендата“, рече едно лице. „Дали сега ги повлекуваме сите генерали и адмирали од Пацификот? Сè е чудно“, додаде друг американски функционер.
Свет
Словенија го прогласи Нетанјаху за персона нон грата, му забрани влез во земјата

Владата во Словенија на својата седница го прогласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за непожелна личност и му забрани влез во земјата, што, според државната секретарка во Министерството за надворешни работи Нева Грашиќ, следува по мерките што веќе се преземени против двајца екстремистички израелски министри, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, кои беа прогласени за персона нон грата во јули.
„Јавноста е свесна дека тој е гонет за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото. Меѓу другото, Меѓународниот суд на правдата на 19 јули 2024 година утврди дека неколку израелски политики и практики го кршат меѓународното хуманитарно право и човековите права“, рече Грашиќ во врска со мерката против Нетанјаху.
„Со оваа одлука, владата испраќа јасна порака до Државата Израел дека Словенија очекува доследно почитување на одлуките на меѓународните судови и меѓународното хуманитарно право“, се вели во профилот на владата на мрежата X.
Словенија со тоа „ја потврдува својата посветеност на меѓународното право, универзалните вредности на човековите права и принципиелната и конзистентна надворешна политика“.
Денешниот потег следува по одлуката на владата во јули да ги означи министерот за национална безбедност на Израел, Бен-Гвир, и министерот за финансии, Смотрих, како непожелни лица.
Словенија, земја-членка на ЕУ која минатата година ја призна палестинската држава, во август воведе ембарго за оружје врз Израел и воведе забрана за увоз на стоки произведени на палестинските територии окупирани од Израел, објави Ројтерс.
Фото: принтскрин