Свет
Кралицата Елизабета до Макрон: Јас и принцот Филип бевме многу тажни поради Нотр Дам

Британската кралица Елизабета испрати порака до францускиот претседател, Емануел Макрон, во која наведе дека е многу тажна поради пожарот што вчера ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз и дека нејзините молитви се упатени кон целата Франција, соопшти Бакингемската палата.
„Принцот Филип и јас бевме многу тажни поради сликата од пламенот штоја зафати катедралата Нотр Дам“, стои во пораката, пренесе „Ројтерс“.
„Изразувам восхит кон припадниците на итните служби, кои ги ризикуваа своите животи обидувајќи се да го сочуваат овој важен национален споменик“, наведе британската кралица и додаде дека нејзините мисли и молитви се со оние кои ја обожаваат катедралата и со целата Франција во овие тешки времиња.
Пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз изби вчера во 18:50 часот, кога катедралата беше затворена за јавност. Во гаснењето на пожарот учествуваа 400 пожарникари.
По повеќечасовната борба, рано утрово француските пожарникари успеаја да го стават пожарот под контрола, кој беше целосно изгаснат по неколку часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Силен скок на цената на нафтата на светските пазари

По две недели пад, цените на нафтата нагло пораснаа на светските пазари, за повеќе од шест проценти, поддржани од постигнувањето трговски договори од страна на САД со некои од нивните најважни трговски партнери, и ќе се покачеа уште повеќе доколку ОПЕК+ не ги зголеми своите производствени квоти.
Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за 6 проценти минатата недела, на 69,67 долари, а на американскиот пазар за 6,3 проценти, на 67,33 долари.
Трговците со нафта поголемиот дел од неделата беа фокусирани на потенцијалното влијание на американските тарифи, при што повисоките тарифи за американските трговски партнери најчесто треба да стапат на сила следниот петок.
Трамп, всушност, потпиша извршна наредба во четвртокот со која се наметнуваат тарифи во опсег од 10 до 41 процент за увозот од САД од десетици земји и странски територии кои не успеаја да постигнат трговски договори до неговиот рок на 1 август, вклучувајќи ги Канада, Индија и Тајван. Партнерите кои успеаја да обезбедат трговски договори се Европската Унија, Јужна Кореја, Јапонија и Велика Британија.
Цените беа поддржани и минатата недела од заканите на Трамп за воведување царини од 100 проценти за купувачите на руска сурова нафта во обид да изврши притисок врз Русија да ја прекине војната во Украина. Тоа предизвика загриженост за потенцијални нарушувања на трговските текови со нафта и отстранување на дел од нафтата од пазарот.
Во четврток, аналитичарите на JP Morgan рекоа дека заканите на Трамп да ги казни Кина и Индија за купување руска нафта потенцијално загрозуваат 2,75 милиони барели дневно (bpd) од извозот на руска нафта по море. Кина и Индија се втор и трет најголем потрошувач на сурова нафта во светот.
Свет
Трамп се закани: Путин има рок до петок

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален претставник Стив Виткоф би можел да отпатува во Русија, можеби в среда или в четврток, предупредувајќи дека ќе воведе санкции кон Русија ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок.
„Ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во нивно избегнување. Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето санкции, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп во разговор со новинарите, објави „Ројтерс“.
Претходно, Трамп изјави дека наредил распоредување две нуклеарни подморници во она што ги нарече „соодветни региони“ како одговор на „глупавите и провокативни“ нуклеарни закани од поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев.
Фото: ЕПА
Свет
Русија и Кина одржуваат воени вежби во морето крај Јапонија

Русија и морнариците на Кина одржуваат заеднички артилериски и противподморнички вежби во Јапонското Море како дел од планираните воени маневри, објавија руските власти.
Вежбите, наречени „Морнаричка интеракција 2025“, започнаа два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил распоредување на две нуклеарни подморници во она што ги нарече „соодветни региони“ како одговор на „глупавите и провокативни“ нуклеарни закани од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Руските власти нагласија дека вежбите биле договорени и планирани многу пред изјавата на Трамп.
Според руските државни медиуми, во вежбата учествува заедничка група воени бродови од двете земји, вклучувајќи голем руски противподморнички брод и два кинески разорувачи. Дизел-електрични подморници од двете страни, како и кинески брод за спасување подморници, исто така учествуваат во маневрите.
Вежбите, кои треба да завршат утре, вклучуваат артилериски оган, обука за борба против подморници, операции за воздушна одбрана и заеднички мисии за пребарување и спасување.
Русија и Кина потпишаа „неограничено“ стратешко партнерство кратко пред Москва да започне целосна инвазија на Украина во 2022 година. Оттогаш, двете земји дополнително ги продлабочија воените и економските врски.
Иако Пекинг тврди дека е неутрален во војната во Украина, тој стана еден од клучните бедеми на Русија, обезбедувајќи одбранбена опрема и купувајќи големи количини руска нафта.
На 1 август, Трамп рече дека наредил распоредување на подморници како одговор на „многу провокативните“ забелешки на Медведев за можноста за војна меѓу нуклеарно вооружените сили.
Соединетите Американски Држави и Русија имаат најголеми нуклеарни арсенали во светот и ретко откриваат детали за движењата на нивните подморници.
Изјавата на Трамп доаѓа во време на зголемени тензии со Москва и фрустрација поради недостатокот на напредок во завршувањето на војната во Украина.
Фото: ЕПА