Свет
Кралот Чарлс му напиша приватно писмо на Доналд Трамп, Бакингем не ја открива содржината
Британскиот крал Чарлс Трети напиша приватно писмо до Доналд Трамп, вели Бакингемската палата.
Монархот (75) се обрати до поранешниот претседател откога тој преживеа обид за атентат на предизборен митинг во Пенсилванија во саботата, објави „Њузвик“.
Помошниците не го споделуваат текстот на писмото на кралот, но велат дека е во согласност со коментарите на британскиот премиер Кеир Стармер. Писмото е испорачано преку Амбасадата на Британија во Вашингтон.
Стармер напиша на X, поранешен „Твитер“: „Згрозен сум од шокантните сцени на митингот на претседателот Трамп и му ги испраќаме нему и на неговото семејство нашите најдобри желби. Политичкото насилство, во каква било форма, нема место во нашите општества и моите мисли се со сите жртви на овој напад“.
Не е невообичаено британскиот монарх, било Чарлс или кралицата Елизабета II за време на нејзиниот живот, да испраќа писма за поддршка во време на национална криза или катастрофа, сепак, палатата во повеќето случаи го објавува текстот на писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

