Свет
Кремљ: Видеото на германските офицери е доказ дека Западот е директно вклучен во војната
Руското Министерство за надворешни работи го повика германскиот амбасадор во Москва на разговор кога во јавноста излезе снимка од доверлив разговор меѓу високи офицери на германската армија за војната во Украина, во која се расправаше за хипотетичката можност за испраќање ракети со долг дострел од кон Украина.
Информациите за поканата на германскиот амбасадор во руското Министерство за надворешни работи утрово ја објавија руските агенции, кои додаваат дека видеото го објавил и Кремљ велејќи дека „докажува оти Западот е директно вклучен во војната во Украина“.
Германскиот министер за одбрана го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да ја дестабилизира Германија откога Русија на социјалните мрежи објави доверлива размена на информации меѓу германски офицери за испорака на оружје за Украина.
„Едноставно, ова видео се користи за дестабилизација и поткопување на единството на Германија“, изјави Борис Писториус за новинарите во Берлин.
„Очигледно, станува збор за поткопување на нашето единство (…), за внатрешно проширување на политичките поделби и искрено се надевам дека Путин нема да успее и дека ќе останеме обединети“, додаде тој.
Во петокот на социјалните мрежи од Русија беше објавена аудиоснимка од состанок на конференција на високи германски офицери. Видеото првпат го објави Маргарита Симонјан, уредничката на „Русија денес“.
Учесниците на разговорот разговараат за можноста за испорака на ракети „Таурус“ од германско производство со долг дострел во Киев, што треба да се направи за да им се овозможи на украинските сили да ги користат и каков е нивниот потенцијален ефект.
Германското Министерство за одбрана завчера ја потврди автентичноста на снимката. Содржината на снимката е многу засрамувачка за Германија бидејќи Берлин официјално одбива да испорача ракети Таурус на Киев наведувајќи го ризикот од ескалација на војната.
Во исто време, за време на разговорот, офицерите откриваат детали за тоа како Обединетото Кралство и Франција ѝ помагаат на украинската армија во употребата на ракетите „Скалп“, кои двете земји му ги снабдуваат на Киев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.

