Свет
Кремљ: Неприфатливо е Бајден да го споредува Путин со Хамас

Кремљ денеска објави дека е неприфатливо да се споредува рускиот претседател Владимир Путин со палестинската милитантна група Хамас во изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека заканата за руските граѓани експоненцијално ќе порасне кога Израел ќе ја почне очекуваната копнена операција во обид да го собори Хамас од Газа.
Песков одби да каже кој ќе ја претставува Русија на мировниот самит за палестинскиот конфликт во Каиро во сабота велејќи дека тоа е прашање на Министерството за надворешни работи, објави „Гардијан“.
„Русија и САД не разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток во билатерални формати“, рече Песков, пренесе „РИА новости“.
„Контактите, се разбира, се одвиваат во рамките на Советот за безбедност, но немаше чисто билатерални“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање дали имало контакти меѓу Москва и Вашингтон за ситуацијата на Блискиот Исток.
„Хамас и Путин претставуваат разни закани, но тие имаат една заедничка работа: тие сакаат целосно да ја уништат демократијата во соседството“, рече Бајден во обраќањето до нацијата во четвртокот, пренесува „Гласот на Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пратеник најден мртов во парламентот во Финска

Безживотно тело е пронајдено денес околу 11 часот наутро во зградата на финскиот парламент, а според релевантните локални медиуми, станува збор за тело на пратеник кој извршил самоубиство, но сè уште не го објавуваат неговиот идентитет.
Полицијата не ги потврди наводите дека станува збор за пратеник, но објави дека засега нема сомнение за кривично дело.
Повикот до полицијата пристигна во 11.06 часот наутро.
Шефот на обезбедувањето на парламентот, Аро Тоивонен, рече дека имало смртен случај во зградата на парламентот, но дека на властите е да дадат дополнителни информации за случајот.
Еден од пратениците рече дека не знае многу за случајот.
„Немам никакви подетаљни информации. Тоа е навистина тажна работа, за што многу ми е жал“, рече пратеникот Јука Копра.
Копра додаде дека претпоставува оти парламентот ќе даде официјално соопштение кога тоа ќе биде можно.
Во овој момент во зградата на парламентот има голем број полицајци, а надвор беа видени неколку возила за итни случаи.
Свет
Лавров: Трамп и неговиот тим сакаат да постигнат долгорочен и сигурен резултат

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го пофали Доналд Трамп за желбата за траен мир во Украина, а ги критикува европските лидери за инсистирањето на прекин на огнот.
Во интервју за државниот телевизиски канал „Росија 24“, Лавров се осврна на средбата на Трамп со Владимир Путин на Алјаска опишувајќи ја атмосферата како „многу добра“.
„Беше јасно дека лидерот на Соединетите Американски Држави и неговиот тим, пред сè, искрено сакаат да постигнат резултат што ќе биде долгорочен, одржлив, сигурен“, додаде Лавров.
Оваа изјава доаѓа еден ден откога Трамп изјави дека прекинот на огнот не е неопходен услов за постигнување мировен договор за време на тековниот конфликт меѓу Русија и Украина.
Од друга страна, Лавров упати остри критики до европските лидери. Според него, на секој чекор тие инсистирале само на прекин на огнот, а потоа ќе продолжат да ja снабдуваат Украина со оружје.
Свет
Швајцарија планира укинување на даночната казна за брак

Швајцарија планира да го укине системот на заедничко даночење брачни парови, кој често доведува до повисоки даноци отколку за невенчани двојки.
Поддржувачите велат дека оваа промена ќе поттикне повеќе жени да работат и ќе ја усогласи земјата со практиките на повеќето држави од ОЕЦД.
Сепак, конзервативните партии и црковните групи најавуваат иницијатива за референдум тврдејќи дека реформата ги казнува семејствата со еден примател на приход и би создала милион дополнителни даночни пријави.
Владата проценува дека половина од граѓаните би имале корист, 14 проценти би биле во полоша положба, а годишните приходи од даноци би се намалиле за речиси една милијарда франци.