Свет
Кремљ: Погрешно е да се има преголеми очекувања од самитот
Очекувањата од разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден на 16 јуни во Женева не треба да се „надувуваат“.
„Дури и почетокот на нивниот дијалог е позитивен чекор“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Тој рече дека средбата е многу важна, но би било погрешно да се има преголеми очекувања, пренесува ТАСС.
„Потенцијалот на нашите несогласувања, па дури и некои спротивставени моменти во нашите билатерални односи, се толку големи што не може да се очекува напредок во постигнувањето разбирање. Сепак, понекогаш и согласувањето околу тоа дека не се сложуваме може да биде корисно“, додаде Песков.
Меѓусебното почитување и разгледувањето на заедничките интереси се, како што забележува, неопходен услов за подобрување на руско-американските односи.
„Од друга страна, обидите за диктат или менторство се осудени на неуспех, бидејќи тие можат да ја нарушат динамиката на воспоставување дијалог“, рече Песков.
Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин е за подобрување на односите меѓу Русија и САД.
Договорениот самит ќе биде првиот состанок на Путин и Бајден „лице в лице“ откако 46. американски претседател е на власт. Тоа ќе биде и прв руско-американски самит од јули 2018 година, кога Путин се состана со тогашниот американски претседател Доналд Трамп во Хелсинки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

