Свет
Кремљ: Путин не планира да му честита на Трамп, САД е непријателска земја
Кремљ ја призна јасната победа на Доналд Трамп, но вели дека не знае за какви било планови на рускиот претседател Владимир Путин да му честита. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека САД остануваат непријателска земја.
Песков рече дека Москва внимателно ги следи настаните и ги анализира изјавите на американските политичари за Русија додавајќи дека односите меѓу двете земји се на историски ниско ниво.
Трамп претходно застана на страната на Путин за мешање во изборите, ја кратеше помошта за Украина и континуирано го критикува НАТО. Сепак, тој ја осуди руската инвазија на Украина и инсистира на тоа дека има добри односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пациенти врзани за кревет, други биле принудувани да ги чистат тоалетите: инспекцијата утврдила шокантни услови во романска психијатриска болница
Вработените на психијатриските одделенија на Општата болница во романскиот град Тарнавен поднесоа колективни оставки, обвинувајќи ги медиумите за притисок, откако беше откриено дека пациентите престојуваат во нехигиенски услови, креветите биле покриени со пластика наместо со чаршафи, додека некои од пациентите биле врзани за креветот, а други биле вработени како чистачи на тоалети, пренесуваат медиумите во регионот.
Според директорката на болницата, Сузана Мегешан, реакцијата на персоналот била предизвикана од јавното соопштение на претставничката на Романскиот центар за правни ресурси (CRJ), Џорџијана Паску, во кое било наведено дека во институцијата биле пронајдени „несоодветни услови за сместување, недостаток на хигиена, како и пациенти кои биле имобилизирани или изолирани“, објави денес „Јуроњуз Романија“.
„Заедно со раководителите и главните медицински сестри на одделот, успеавме да отвориме дијалог. Одлуката не беше донесена поради непрофесионализам, туку поради чувството дека обвинувањата се неправедни и се засновани исклучиво на негативните аспекти на работата“, рече Мегешан.
Според администрацијата, посетата на инспекторот се одржала од 7 до 9 ноември 2025 година, во рамките на националната програма за надзор на социјалните и здравствените установи.
Болницата објави дека медицинската дејност се одвива под редовни услови, со почитување на сите протоколи и стандарди, како и дека пациентите имаат постојана медицинска нега, стручен надзор и пристап до поддршка без прекин.
Во извештајот на Центарот за правни ресурси, сепак, се наведува дека за време на инспекцијата е пронајдена „неопислива нечистотија, десетици кревети збиени заедно, пациенти на валкани душеци или завиткани во пластика без постелнина“.
Се вели дека некои пациенти биле врзани за своите кревети, додека други биле принудени да чистат тоалети.
Министерот за здравство на Романија, Александру Рогобете, изјави за „Јуронјуз Романија“ дека е запознаен со ситуацијата и дека наредил инспекцијата во округот Муреш да изврши детална контрола и да поднесе извештај, по што ќе се одлучат за понатамошни мерки.
Фото: принтскрин
Свет
Украина бара поголема поддршка од Г7
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, денес во Отава ги повика партнерите од Г7 да ја зголемат поддршката за Украина, да инвестираат во нејзината одбранбена индустрија и да го оневозможат продолжувањето на војната за Русија.
„Исклучително е важно да се зајакне поддршката за Украина и да се зголеми притисокот врз Русија. Мораме да ја направиме цената на продолжувањето на војната неподнослива и опасна за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим. Доволен притисок ќе ја принуди Русија да ја заврши војната“, рече Сибиха на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Отава, пренесува Укринформ.
Тој оцени дека Путин „сè уште има илузија дека може да победи, иако во реалноста изгуби над милион војници и не постигна никаква стратешка цел“.
Сибиха ги повика земјите од Г7 да ги зголемат инвестициите во украинското производство на ракети и беспилотни летала, воздушна одбрана и муниција.
Тој нагласи дека поморската и енергетската безбедност се приоритетни прашања.
„Стабилноста на Украина на море е дел од заедничката стабилност од Атлантикот до Индо-пацифичкиот регион“, нагласи шефот на украинската дипломатија.
Сибиха е во посета на Канада, каде што учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум на покана на канадската колешка Анита Ананд.
Фото: принтскрин
Свет
Песков: Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија.
„Москва отсекогаш ја разбирала опасноста дека Европа се подготвува за војна со Русија и сите безбедносни мерки се преземени однапред“, рече Песков во интервју за весникот „Лајф“, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека зголемувањето на воените буџети на европските земји води до преоптоварување на нивните економии.
„Европските земји се залагаат за понатамошно зголемување на нивните воени буџети, дури и ако тоа ги уништува нивните економии. Ова води до економско преоптоварување и потоа ќе има посериозни последици на среден рок“, рече Песков.
Како што изјави, Москва ја дели оценката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека Европа јасно се подготвува за војна со Русија.
„Визијата на Москва се совпаѓа со онаа на Белград и силните промилитаристички чувства навистина преовладуваат во Европа“, додаде портпаролот на рускиот лидер.
Фото: принтскрин

