Свет
Кремљ се огласи за Асанж: Сите го добија тоа што го сакаа
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека секој го добил она што го сакал кога станува збор за признавањето на вината и ослободувањето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.
– Овде зборуваме за судски договор. Како што разбрав, секој го доби она што го сака. Нема што да се додаде, ништо да се коментира – изјави Песков на новинарите.
Асанж беше формално ослободен пред американскиот суд на Маријанските Острови, откако се изјасни за виновен по едното обвинение за кршење на Законот за шпионажа според договорот со американското Министерство за правда.
Основачот на „Викиликс“ потоа отпатува во родната Австралија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Две лица избодени во центарот на Софија, уапсена 22-годишна жена
Во утринскиот напад во центарот на главниот град на Бугарија, две лица се избодени и пренесени во болници, соопштија од Итната медицинска помош.
Нема трета жртва која побарала болничко лекување, појаснуваат оттаму, откако првичните информации говорат дека е повредено уште едно лице, објави БНР.
За нападот е уапсена 22-годишна жена. Според првичните информации таа имала психичка болест.
Двајцата со исечени рани се пренесени во Воената болница и во Пирогов во Софија.
Првиот сигнал на 112 бил примен во 08:25 часот, на што веднаш реагирала лекарска екипа.
Избодениот маж има 21 година со расечена рана на грбот. Повредениот е пренесен во ВМА. Мажот е комуникативен и се вршат потребните прегледи, соопштија од медицинската установа, пренесе БНР.
Во 08:34 часот е примен втор итен повик – за инцидент што се случил во близина на првиот. Вториот тим медицински лица му помогнале на 51-годишен маж кој бил прободен со нож во градите.
Жртвата била пренесена во Пирогов. Мажот не е бугарски државјанин, бил примен со расечена рана на грбот, соопштија од болницата.
Регион
Почина Теофил Панчиќ
На 60-годишна возраст почина Теофил Панчиќ, еден од најистакнатите новинари и писатели од поранешна Југославија. Во текот на неговата богата кариера беше препознаен како остар коментатор на општествени и политички настани, долгогодишен колумнист на неделникот Време, политички коментатор на Радио Слободна Европа и соработник на бројни регионални и меѓународни медиуми.
Роден во 1965 година во Скопје, Панчиќ својата младост ја поминал во неколку градови на поранешна Југославија, меѓу кои и Загреб, каде што се школувал и ја започнал својата новинарска кариера. Подоцна се населил во Србија, прво во Белград, а потоа во Нови Сад и Земун, каде што живеел до крајот на животот. Неговите текстови се занимаваа со анализа на општеството, културата и политиката, често со изразена критичка острина. Како колумнист и есеист, Панчиќ се здоби со репутација на остар, прецизен и бескомпромисен аналитичар и голем интелектуалец, чии зборови имаа силна резонанца во јавноста.
Покрај новинарството, значаен придонес има и во литературата. Има објавено неколку книги. Неговите есеи, критики и новинарски текстови сведочеа за промените во општеството, а неговите аналитички вештини и стил го направија еден од најпочитуваните интелектуалци во регионот.
Панчиќ во текот на кариерата доживеал и физички напади поради своите ставови, но тоа не го спречило да продолжи да пишува и отворено да ги кажува своите мислења. Како член на Независното здружение на новинари од Војводина, тој остана доследен на своите убедувања, новинарски принципи и професионалниот интегритет.
Неговото заминување остава празнина во регионалното новинарство и литература, но и во поширокиот интелектуален простор. Преку своето пишување, Панчиќ неуморно се залагаше за рационално размислување, слобода на изразување и критички однос кон општествените настани, честопати спротивставени на националистичките наративи и популизмот. Неговата способност да ги анализира и контекстуализира општествените промени беше препознаена надвор од регионот, а текстовите што останаа зад него се неизбришлива трага од неговиот придонес во општеството.
Свет
Рекордни снежни врнежи забележани во Јапонија
Рекордни снежни врнежи се забележани на северниот јапонски остров Хокаидо.
82 сантиметри снег паднаа во градот Обихиро и 56 сантиметри во градот Хомбецу, што претставува најголемо количество снег во историјата на мерењата, објави јапонската телевизија NHK.
Снежни бури и силен ветер се забележани и во околината на Јапонското море.