Свет
Кремљ: Сè уште сме отворени за преговори за крај на војната, но со главен услов
Кина го објави својот „мировен план“ од 12 точки, во кој се повикува на примирје, а Русија го повтори својот став за тоа како може да се стави крај на војната. Кремљ повтори дека останува отворен за преговори за ставање крај на конфликтот.
Тоа е тврдење што рускиот претседател Владимир Путин го кажа во минатото – уште во април минатата година, рускиот претседател рече дека се надева оти преговорите може да доведат до прекин на огнот во Украина.
„Русија нема да се откаже од своите барања за четири украински региони – Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон“, изјави Песков.
Кремљ вчера оцени дека планот што минатата недела го предложи Кина за решавање на конфликтот во Украина заслужува внимание, но и дека засега не постојат условите неопходни за мирно решение.
„Секој обид што придонесува за насочување на овој конфликт кон мирен пат заслужува внимание. Ние го разгледуваме планот на нашите кинески пријатели со големо внимание“, рече портпаролот на Кремљ. „Тоа е долг процес“, рече тој.
„Засега не ги гледаме премисите дека оваа ситуација може да тргне по мирен пат“, додаде тој. „Специјалната воена операција (во Украина) продолжува“, нагласи тој.
Во петокот, токму на првата годишнина од војната, Пекинг објави документ од 12 точки, со кој ги повикува Москва и Киев на мировни преговори. Засега Москва и Киев не изразија сериозна волја за преговори и внимателно реагираа на кинескиот предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

