Свет
Кушнер: САД уште некое време нема да одобрат израелска анексија
Високиот советник на претседателот Доналд Трамп, Џеред Кушнер, изјави вчера дека Израел нема да продолжи со својата одлука да го примени суверенитетот на делови од Западниот Брег без одобрението на САД, што нема да се случи уште некое време, пренесува „Брејтбарт“.
„Претседателот Трамп е посветен да ги повикува на одговорност и Израел се согласи со нас дека нема да продолжат без наша согласност. Не планираме да дадеме согласност уште некое време бидејќи во моментов фокусот треба да биде на спроведување на овој нов мировен договор“, рече Кушнер осврнувајќи се на неодамна потпишаниот договор за воспоставување формални односи меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел.
И ОАЕ и САД соопштија дека прашањето за анексија е стопирано пред договорот. Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека нема промени во неговата заложба за примена на суверенитетот и Трамп засега побара само да ги паузира плановите.
Поздравувајќи го односот заснован на силна доверба меѓу Трамп и Нетанјаху, Кушнер рече дека израелскиот лидер го уверил Вашингтон оти нема да продожи со плановите без американска поддршка.
„Тој нè увери дека нема да го стори тоа без наша согласност и тоа е доволно добро за нас. Веруваме дека договорот ќе се одржи“, рече Кушнер.
Осврнувајќи се на Западниот Брег, Кушнер продолжи:
„Тоа е земја што Израел сега ја контролира. Израелците живеат таму. Не треба да има никаква итност да се примени израелскиот закон. Значи, веруваме дека тие ќе се придржуваат кон договорот. Навистина сакаме да оствариме што поголема размена помеѓу Израел и ОАЕ и навистина сакаме Израел да се фокусира на создавање нови односи и нови сојузи“, додаде тој.
Мировниот план на Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Исто така, се разграничува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда, како нејзин главен град.
На брифингот, Кушнер изрази уверување дека планот на Трамп може да го реши израелско-палестинскиот конфликт, но додаде дека треба да го убедат палестинското раководство.
„Ние им пристапивме и рековме дека примената на израелскиот суверенитет е на стендбај. Нивниот кредибилитет навистина е на најниско ниво досега, па дури и луѓето кои сакаат да им помогнат на Палестинците велат дека не можете да им помогнете на луѓе кои не сакаат да си помогнат себеси“, рече тој.
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, свика итен состанок како одговор на, според него, очајната одлука за воспоставување дипломатски врски. Тој, исто така, го отповика својот амбасадор од Абу Даби.
Кушнер одговори, велејќи дека светот почнува да ја блокира „бучавата“ што доаѓа од палестинските власти, нарекувајќи го нивниот одговор на објавата предвидлив и нелогичен. Неколку часа по објавувањето на договорот, Кушнер рече дека има многу голема шанса да се потпишат повеќе договори во следните три месеци.
Во првото интервју за мрежа во Емиратите, Нетанјаху изјави за „Скај њуз Арабија“, со седиште во Абу Даби, дека Израел претпочита мир со арапските земји пред анексијата на Западниот Брег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.
Свет
(Видео) Израелски министер доживеа сообраќајка: автомобилот превртен
Автомобилот на министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир се превртел при сообраќајна несреќа.
Полицијата соопшти дека во судирот учествувале две возила и дека три лица се пренесени во болница откако биле полесно повредени, додека службениот автомобил на министерот завршил на неговиот покрив.
השר בן גביר היה מעורב בתאונת דרכים סמוך לזירת הפיגוע ברמלה, מצבו קל
(אורלי אלקלעי) @OferHalfonKan pic.twitter.com/iDT6Aq0OIo
— כאן חדשות (@kann_news) April 26, 2024
Од кабинетот на Бен Гвир велат дека министерот е во добра состојба и свесен, но е префрлен на понатамошно лекување во блискиот медицински центар Шамир.
Сликите од местото на настанот покажуваат дека неговото службено возило се превртело, додека друг автомобил бил згмечен напред.
Полицијата соопшти дека ги истражува причините за несреќата.