Свет
Лавров: Благодарение на земјите од глобалниот југ, Украина не ја засени агендата на Г20

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го нарече успешен самитот на Г-20 во Индија и рече дека поради консолидираната позиција на земјите од глобалниот југ, Русија успеала да се погрижи агендата на Г-20 да не биде засенета од украинскиот конфликт.
Групата Г20 вчера на самитот усвои декларација за консензус, во која избегна да ја осуди Русија за војната во Украина, но ги повика сите земји да не користат сила за заземање територии.
Руската инвазија на Украина во 2022 година остави десетици илјади мртви, милиони раселени и предизвика економски превирања ширум светот. Москва, која вели дека спроведува „специјална воена операција“ таму, негира дека извршила какви било злосторства. Лавров, исто така, рече дека Русија е подготвена да се врати на Црноморскиот договор за жито штом ќе се исполнат нивните услови.
Русија го напушти договорот во јули, една година откако беше постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, жалејќи се дека нејзиниот сопствен извоз на храна и ѓубрива се соочува со пречки и дека недоволно украинско жито оди во ранливите земји.
Лавров рече дека Русија ги цени обидите на Обединетите нации да ги олеснат преговорите за житото, но дека „преговорите се само со Западот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа: Зошто Иранците не ја одземат моќта на екстремно насилниот режим

Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, рече дека Белата куќа нема против Иранците да извршат државен удар и да ја соборат иранската влада.
„Ако иранскиот режим одбие да постигне мирно, дипломатско решение – за што претседателот сè уште е заинтересиран… зошто иранскиот народ да не ја одземе моќта на овој крајно насилен режим? Нашата позиција не е променета“, изјави Ливит денес за Фокс њуз.
Позицијата на Белата куќа за прашањето за соборување на режимот во Иран во последните денови беше предмет на контрадикторни пораки од самиот врв на американската администрација.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп вчера на социјалните мрежи отворено сугерираше можност за „промена на режимот“ во Иран, сепак неговите најблиски соработници нагласуваат дека тоа не е официјална цел на американската политика.
„Политички не е коректно да се користи терминот „промена на режимот“, но ако сегашниот ирански режим не е во состојба да го направи Иран повторно голем, зошто да не се смени режимот??? напиша Трамп.
Високи претставници на администрацијата, вклучително и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и секретарот за одбрана Пит Хегсет, постојано нагласуваат дека американските воени операции против иранските нуклеарни постројки не се насочени кон соборување на режимот, туку исклучиво да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје.
„Нашиот став е многу јасен: не сакаме промена на режимот… Сакаме да ставиме крај на нивната нуклеарна програма и потоа да разговараме со Иранците за долгорочно решение“, рече потпретседателот Венс, додека секретарот за одбрана Хегсет ја опиша операцијата како „прецизна“ и „ограничена по обем“.
Свет
Американската амбасада во Катар до своите граѓани: Не излегувајте од домовите

Американската амбасада испрати е-пошта до американските граѓани во Катар во која ги советува да останат во своите домови до понатамошно известување. Во пораката се наведува дека препораката е „мерка на претпазливост“, а не се понудени дополнителни информации.
По таа порака од американската амбасада, катарските власти соопштија дека безбедносната состојба во земјата е стабилна. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Маџед ал-Ансари рече дека предупредувањето на амбасадата не укажува на присуство на некоја конкретна закана.
„Земјата е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани и жители“, се додава во неговата изјава.
Свет
Шефот на иранската дипломатија во Москва со Путин

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи се состана со рускиот претседател Владимир Путин во Москва додека израелските сили продолжуваат да го напаѓаат Иран. Аракчи и се заблагодари на Русија за поддршката и рече дека Москва е на вистинската страна на историјата.
„Односите меѓу Иран и Русија дополнително се продлабочија во последните години“, рече Аракчи и нагласи дека двете земји соработуваат во повеќе области, вклучувајќи ја и нуклеарната програма.
„Русија беше наш партнер и ни помогна. Таа учествуваше во нуклеарните преговори и имаше значајна улога“, рече тој.
Додаде дека Русија стои до Иран во актуелниот конфликт со Израел и по американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки.
Русија ја изгради иранската нуклеарна централа Бушер на југот на земјата и продолжува да учествува во нејзиното одржување. Путин минатата недела рече дека моментално има околу 200 руски експерти во фабриката и му се заблагодари на Израел што се согласи да ја гарантира нивната безбедност.
На средбата со Аракчи, Путин ги осуди американските напади врз Иран, нарекувајќи ги „агресија без никакво оправдување и основа“ и рече дека иранскиот народ може да смета на поддршката од Русија.
Тој додаде дека, освен со Аракчи, во изминатите неколку дена разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед Ал Нахјан и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Точниот тајминг на тие разговори не беше прецизиран, а Кремљ претходно изјави дека не било планирано Путин да разговара со Трамп по американските напади.
На средбата присуствуваа и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков, поранешен руски амбасадор во Вашингтон. Кремљ објави кратко видео од средбата, на кое се гледа како Путин ја прима иранската делегација во раскошна сала.