Свет
Лавров ги повика Русија и САД да усвојат заедничка декларација за избегнување нуклеарна војна
Претседателите на Русија и САД заеднички треба да изјават дека употребата на нуклеарно оружје е неприфатлива, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на меѓународниот форум „Примаковски читања“, пренсува ТАСС.
„Од политичка гледна точка, од клучно значење е Русија и САД да го смират остатокот од светот и да донесат заедничка изјава на високо ниво дека не може да има победа во нуклеарна војна и затоа е неприфатлива и недозволива”, рече Лавров.
Лавров потсети дека лидерите на САД и на Советскиот Сојуз претходно дале такви изјави.
„Не разбираме зошто тие сега не можат да ја потврдат оваа позиција. Нашиот предлог е разгледуван од американската страна”, рече рускиот дипломат.
Коментирајќи ја неодамнешната изјава на Пентагон, која повикува на отпочнување дијалог со Русија, Кина и со Северна Кореја за намалување на ризиците од борбени дејства со употреба на нуклеарно оружје што не се предизвикани од САД, Лавров рече:
„Тоа го вели воената агенција на САД, чија најнова нуклеарна доктрина значително го намали прагот за користење нуклеарно оружје “.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Франција бара воена вежба на НАТО во Гренланд
Франција побара НАТО да одржи воена вежба на Гренланд и е подготвена да учествува, соопшти Елисејската палата, објави Си-Ен-Ен.
Франција, заедно со други европски земји, минатата недела распореди дел од воениот персонал на Гренланд за да учествува во посебна заедничка вежба предводена од Данска.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за анексија на арктичкиот остров со сила. Неговите изјави го доведоа во прашање деценискиот безбедносен сојуз предводен од САД во Европа.
Што е воена вежба на НАТО?
Вежбите на НАТО ги свикува командантот на НАТО и можат да бидат со големина од неколку офицери до „вежби од целосен обем што вклучуваат борбени сценарија што вклучуваат авиони, воени бродови, артилерија, оклопни возила и илјадници војници“, вели НАТО на својата веб-страница.
Земјите-членки на НАТО учествуваат во вежбите со обезбедување национални придонеси во форма на војници, опрема или друга поддршка. „Земјите учеснички генерално ги финансираат своите национални придонеси“, наведува НАТО.
Свет
Трамп во интервју: Ако Иран се обиде да изврши атентат врз мене, ќе бидe избришан од лицето на земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп во обемно интервју се осврна на првата година од својот втор мандат, зборувајќи за намалувањето на бројот на вработени во федералната администрација, предизвиците во спроведувањето на имиграциските закони и за својот интерес за купување на Гренланд, пишува „ЊузНејшн“.
Во разговор со водителката Кејти Павлич, по повод годишнината од неговата инаугурација, Трамп од Рузвелтовата соба зборуваше за приоритетите на својата администрација за 2026 година – од економската политика до надворешните закани.
„На некој начин јас бев улов, а сега сум повеќе ловец, морам да ви кажам. Тоа се лоши луѓе, тоа се болни луѓе. Ова е попријатно“, рече Трамп.
„Донесов одлични извршни уредби. На пример, водата од чешма – водата не сакаше да тече. Ги имаше сите тие смешни рестрикции. Јас ги укинав. Сламките – повеќе не мора да бидат хартиени. Би сакал Конгресот сето тоа да го потврди“, изјави Трамп.
Трамп изјави дека неговата администрација отпуштила „стотици илјади федерални службеници“ со цел економијата да се пренасочи од државни субвенции кон раст на приватниот сектор.
„Мразам да отпуштам луѓе, но отпуштивме стотици илјади федерални службеници затоа што имавме 10 луѓе за да се заврши една работа“, рече Трамп, додавајќи дека тие работници преминале во приватниот сектор каде заработуваат „два или три пати повеќе пари“.
Тој ги критикуваше и демократите за нивното однесување за време на говорот за состојбата на нацијата.
„Демократите седат таму и не аплаудираат“, рече Трамп. „Нешто не е во ред со нив.“
Коментирајќи ги протестите против Имиграциската и царинска служба (АЈС) во Минеаполис, Трамп изјави дека тие не биле организирани од локалното население, туку од „професионални, платени луѓе“.
„Тоа се професионални, платени луѓе. Тие се како актери“, рече тој, при што телевизискиот водител Дон Лемон го нарече „губитник“.
Тој ја критикуваше и пратеничката Илхан Омар, велејќи дека таа „доаѓа од земја што дури нема влада“ и ја нарече „ужасна“ поради, како што наведе, држење лекции на Американците за уставните права.
Трамп изјави дека засега не е подготвен да се повика на Законот за побуна (Insurrection Act) во Минесота, но додаде дека не би имал „никаков проблем“ да го стори тоа доколку федералната имиграциска служба се соочи со понатамошни опструкции.
„Мислам дека сè уште не е време. Можеби ќе биде во некој момент“, рече тој, наведувајќи дека „над 40 проценти од претседателите“ го користеле тој закон.
Трамп го бранеше својот интерес за Гренланд како прашање на национална безбедност, а не како бизнис со недвижности, истакнувајќи ја неговата стратешка позиција во однос на Русија и Кина.
„Се наоѓа на такво место што е буквално толку важно за националната безбедност“, рече тој.
Тој го поврза Гренланд со својот систем за противракетна одбрана, кој го нарекува „златна купола“. „Градиме златна купола, ќе имаме купола над земјата. Поседувањето на Гренланд ја прави златната купола многу поефикасна“, изјави Трамп, додавајќи дека постојната технологија може да пресретне дојдовни проектили „буквално 100 отсто од времето“.
Трамп упати остро предупредување до Иран поради заканите со атентат, велејќи дека одобрил целосна одмазда доколку се направи обид за напад врз неговиот живот.
„Дадов многу јасни инструкции. Ако се случи нешто, ќе бидат избришани од лицето на земјата“, рече Трамп. Тој го критикуваше и поранешниот претседател Џо Бајден дека не одговорил доволно силно на иранските закани за време на неговиот мандат.
На прашањето за американскиот заложник Денис Којл, кого талибанците го држат речиси една година, Трамп рече дека не е запознаен со случајот, но вети дека ќе преземе чекори откако новинарката му ги изнесе деталите.
„Дајте ми информации. Јас ќе се погрижам за тоа“, изјави Трамп.
Свет
Нетанјаху ја прифати поканата на Трамп до „Одборот на мирот“ за обнова на Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прифати поканата од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи во „Одборот на мирот“ задолжен за обнова на Газа, објави неговиот кабинет.
Иницијативата е дел од планот на Трамп за формирање комитет кој подоцна би можел да се прошири за решавање на други конфликти.
Сугестијата на Трамп дека комитетот „може“ да ги замени Обединетите нации предизвика загриженост во меѓународната заедница, како и нацрт-повелбата што ја доби Си-ен-ен, според која Трамп би останал претседател на одборот на неодредено време.
Трамп испрати покани до лидерите на десетици земји во последните денови, вклучувајќи ги Русија и Кина, и се очекува да одржи церемонија на потпишување во Давос оваа недела, според извори на Си-Ен-Ен.

