Свет
Лавров: НАТО не е пречка – Турција може да се приклучи на БРИКС
Намерите на турското раководство во однос на влезот на земјата во БРИКС се веројатно сериозни, со оглед на тоа што државните органи даваат такви изјави, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
„Поаѓам од фактот дека, кога раководството на земјата вели дека преземаат конкретен чекор, тоа се заснова на сериозни намери“, изјави Лавров за РБК, на прашањето дали се сериозни намерите на Турција да се приклучи на БРИКС.
Министерот истакна дека НАТО не се огласил околу намерата на Турција да стане членка на БРИКС, за разлика од ЕУ.
„Во однос на Турција, претставниците на НАТО молчат. Ми се чини дека Американците велеа дека тоа е некомпатибилно со членството во НАТО. Претставникот на Европската комисија зборуваше многу поотворено, велејќи дека Турција треба да сфати дека патот кон ЕУ е некомпатибилен со членството во БРИКС и обратно. Кандидатите за ЕУ треба да се приклучат на заедничката надворешна и безбедносна политика“, истакна рускиот министер.
Како што оцени, ваквата реакција на ЕУ е јасен показател дека Турција треба да се приклучи на антируските санкции доколку сака да стане членка на унијата.
Како што додаде, БРИКС нема правила со кои би им забраниле на членовите на одредени организации да соработуваат со таа организација.
„Во однос на членството во НАТО и кандидатскиот статус во ЕУ, кој Турција го има речиси 70 години, во тој случај, како што неодамна изјави турски функционер, во БРИКС не постојат правила кои велат дека членовите на одредени организации не можат да имаат врски со таа организација“, објасни Лавров.
Според него, најважно за членките на БРИКС и за земјите кои развиваат соработка со организацијата е споделување на вредностите содржани во Повелбата на ОН. Тоа е суверена еднаквост на државите, немешање во внатрешните работи, мирно решавање на споровите, почитување, суверенитет и територијален интегритет на сите држави.
„Не ни требаат вредностите на нацизмот, теориите и практиките на нацизмот, забраната на слободата на говорот, националните јазици, културата, традициите, затворањето на канонските цркви и слично“, рече шефот на руската дипломатија.
Претходно помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков потврди дека Турција поднела барање за целосно учество во БРИКС и дека тоа сега се разгледува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја поздрави пресудата на Врховниот суд против царините на Трамп
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја поздрави одлуката на американскиот Врховен суд да ги поништи царините што претседателот на САД, Доналд Трамп, ги воведе минатата година, нагласувајќи дека е добро да има контрола и рамнотежа во владеењето на правото и демократијата.
„Не е лошо да постои Врховен суд и владеење на правото во демократијата“, рече Макрон и додаде дека Франција ќе ги разгледа последиците од глобалните царини од 10 отсто што Трамп ги воведе синоќа, пренесува Ројтерс.
Доналд Трамп, пак, порача дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите по поништените царини и ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на мерките, нарекувајќи ги „нелојални“ и потенцијално под влијание на странски интереси. Тој исто така најави и отворање на истраги за заштита на САД од некоректни трговски практики на други земји и компании.
Свет
Трамп не планира да им враќа пари на компаниите поради укинувањето на царините
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп.
Свет
Трамп потпиша указ за нови царини од 10 проценти на глобално ниво
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека потпишал указ за воведување глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои, како што наведе, ќе стапат во сила речиси веднаш. Одлуката доаѓа откако Врховниот суд на САД поништи дел од царините што тој ги воведе минатата година за голем број држави.
Тој остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на претходните мерки, оценувајќи дека нивната одлука била „погрешна“ и најави дека администрацијата ќе преземе дополнителни чекори за да обезбеди, како што рече, поголеми приходи од царините.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека новите мерки ќе бидат донесени согласно член 122, кој му овозможува на претседателот привремено да воведе дополнителни давачки на увоз во случај на сериозни нерамнотежи во платниот биланс.
Најави и покренување истраги и други механизми, со цел, како што посочи, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Според Трамп, одлуката на Врховниот суд не ги укинува царините како инструмент, туку се однесува само на одредена правна основа за нивна примена.

