Свет
Лавров: ОН замижуваат пред упадот на Украина во регионот Курск
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Обединетите нации замижуваат пред ексцесите на украинските сили при нивниот упад во руската област Курск.
Во интервју за ТАСС на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Лавров рече дека украинските терористички групи, како што наведе, користат западно оружје за напади на Курск, во кои не прават разлика меѓу цели.
„Тие во таа област секојдневно бомбардираат куќи, социјални институции, мирни граѓани, кои се засолнуваат на побезбедни места во своите автомобили. Не слушнав ниеден глас од претставниците на ОН, кои се одговорни за човековите права, вклучително и генералниот секретар“, рече Лавров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Зеленски направи фатална грешка
Русија соопшти дека планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја принуди Москва на мир е „фатална грешка“ за која Киев ќе ги трпи последиците.
Зеленски му порача на Советот за безбедност на Обединетите нации дека војната меѓу Русија и Украина не може да се запре само преку преговори, туку дека Москва мора да биде принудена да постигне мир.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите: „Таквиот став е фатална грешка, системска грешка. Тоа е длабока заблуда која неизбежно ќе има последици за режимот во Киев“. Песков рече дека Русија сака мир, но дека прашањето не може да се реши со сила.
„Позицијата заснована на обид да се принуди Русија на мир е апсолутно фатална грешка бидејќи е невозможно да се принуди Русија да постигне мир“, додаде тој и нагласи дека Русија „поддржува мир“, но дека за тоа и се потребни гаранции.
Рускиот претседател Владимир Путин во јуни изјави дека Русија ќе стави крај на војната во Украина само доколку Киев се откаже од своите аспирации за членство во НАТО и целосно ги предаде четирите провинции што ги поседува Москва, кои Киев брзо ги отфрли како услови еднакви на предавање.
Украина и нејзините западни сојузници тврдат дека победата на Путин во војната треба да биде спречена бидејќи, доколку не се запре, ќе им се закани на другите земји од соседството.
Свет
Гроси: Ја гледам подготвеноста на Иран повторно да се вклучи во нуклеарното прашање
Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека гледа поголема подготвеност на иранските власти за позначајно ангажирање со МААЕ по разговорите во Њујорк кога станува збор за иранската нуклеарна програма.
Гроси во интервју за „Ројтерс“ изрази надеж дека во октомври ќе отпатува за Техеран на средби со ирански претставници.
Гроси рече дека иранската нуклеарна програма продолжува да се развива со предвиденото темпо поради што би сакал да ги забрза напорите во наредните недели да се постави основа за разговори меѓу Иран и западните земји за иранската нуклеарна програма.
Директорот на Иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, претходно овој месец изјави дека има планови Гроси да го посети Иран, како и дека иранскиот амбасадор во МААЕ се сретнал со Гроси како дел од подготовките за посетата, пренесува „Танјуг“.
Еслами изјави дека МААЕ постојано објавува дека нема отстапувања во иранската нуклеарна програма и дека надзорот на МААЕ над иранските нуклеарни локации останува недопрен, а бројот на инспектори не е намален, туку зголемен, објави претходно иранската јавна новинска агенција „Фарс“.
Еслами отфрли каков било политички притисок или принуда во врска со прифаќањето на инспекторите на МААЕ тврдејќи дека Иран има законско право да прифати или одбие кој било инспектор.
Свет
Семеjна драма на Сардинија: ги убил сопругата и двете деца, ја застрелал мајка си во главата
Семејна драма се случи утрово на Сардинија кога мажот Р. Г. (52) ги убил сопругата и двете деца, а ранил уште три лица.
Според медиумите, мажот отворил оган во две куќи во Нуор по што се самоубил.
Првин ги застрелал сопругата (43) и ќерката (26), а потоа пиштолот го насочил кон уште две деца (9 и 14). Тој пукал и ранил и сосед.
Мажот потоа отишол во куќата на својата мајка и пукал во неа, при што тешко ја ранил во главата. По тоа, извршил самоубиство.
По неколку часа во болница, починало уште едно од неговите деца (9).
Според медиумите, тој и неговата сопруга биле разделени. Живеел во куќата на мајка си.
Полицијата и брзата помош бргу пристигнале на местото на настанот. Истрагата продолжува, соопшти полицијата, а оружјето со кое е извршен масакрот сè уште не е пронајдено.