Свет
Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии
За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзината територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде четири украински региони на Русија, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за влез во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.
Украина бара руската армија целосно да се повлече од својата територија. Русија окупира речиси 20 проценти од Украина.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Неговиот украински колега Андриј Сибига бргу реагира на овие изјави:
„Нова серија, стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова докажува оти „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.
„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

