Свет
Лавров: Се надеваме дека Вашингтон нема да преземе акции за ескалација на конфликтот во Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено доцна во средата изјави дека се надева оти Вашингтон нема да преземе акции што би го ескалирале конфликтот во Украина, објави „Ројтерс“.
Лавров рече дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој долго време се залага за дијалог со Русија, се обидува целосно да ја разбере позицијата на Русија во врска со Украина и покажува посветеност на наоѓање трајно мирно решение.
„Сметаме на здравиот разум и на преовладувањето на оваа позиција во Вашингтон и на тоа тие да се воздржат од дејства што би можеле да го ескалираат конфликтот на ново ниво“, изјави Лавров, цитиран од руската државна новинска агенција ТАСС.
Неговите коментари првично биле дел од интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“. ТАСС објави дека весникот одбил да го објави интервјуто.
Лавров тврди дека Трамп признал оти една од причините за руските постапки е проширувањето на НАТО и распоредувањето на инфраструктурата на пактот во близина на руските граници.
„Всушност, ова е она за што рускиот претседател Владимир Путин и Русија предупредуваат во последните 20 години“, рече рускиот врвен дипломат. И инсистира дека Европа работи против американските чекори кон наоѓање мирно решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Истрага за странските викенд-снајперисти во Сараево: „Носеа пушки што личеа како за лов, ги таргетираа децата“
Обвинителството во Милано повторно ја активира истрагата за т.н. викенд-снајперисти – странци кои за време на опсадата на Сараево биле платени да пукаат врз цивили. Како дел од постапката, италијанските обвинители побараа увид во сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан од 2007 година дадено пред Хашкиот трибунал.
Џордан тогаш изјавил дека видел вооружени мажи што не личеле на локални жители и дека биле придружувани од водичи. Тој опишал дека носеле комбинација од цивилна и воена опрема и пушки што личеле на ловечко оружје. Според него, снајперистите често ги таргетирале најмладите во семејствата – деца што оделе со возрасни или девојчиња.
Италијанското Обвинителство, предводено од обвинителот Алесандро Гобис, ја проширува истрагата и врз можни италијански државјани што учествувале во вакви злосторства. Во постапката се вклучени и документи од поранешната италијанска разузнавачка служба СИСМИ, која, според сведочења, имала сознанија за присуство на странски платеници во Босна и Херцеговина.
Истрагата се води за евентуално намерно убиство извршено со суровост и злобни мотиви, како и за идентификување на организаторите на викенд-турите и лицата што плаќале за учество.
Опсадата на Сараево траеше од април 1992 до февруари 1996 година, при што градот беше секојдневно изложен на гранатирање и снајперски напади.
Свет
Зеленски воведе санкции за својот соработник Миндич по корупцискиот скандал со енергетскиот сектор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес потпиша указ со кој се воведуваат лични економски и други санкции врз Тимур Миндич, обвинет дека е мозок на корупциска шема во енергетскиот сектор, како и врз Олександр Зукерман, бизнисмен и близок соработник на Миндич, објавија „Укринформ“ и АФП.
Миндич е косопственик на „Квартал 95“, студио што го коосноваше Зеленски за време на неговата актерска кариера. Санкциите против 46-годишниот Миндич вклучуваат замрзнување на неговите средства.
Синоќа, владата во Киев ги објави оставките на министрите за енергетика и правда поради нивната наводна вмешаност во скандалот.
Истражителите се сомневаат дека Миндич, клучен доверлив човек на Зеленски, ја оркестрирал шемата за кражба на 100 милиони долари, што ја налути јавноста во време на чести прекини на електричната енергија поради руските напади.
Украина долго време има сериозни проблеми со корупцијата, а борбата против неа е клучен услов за нејзините напори за приклучување кон Европската Унија.
Зеленски претходно побара оставка од министерот за правда Герман Галушченко, поранешен министер за енергетика за кој истражителите се сомневаат дека добил лична корист во шемата, како и од сегашната министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.
Не се поднесени обвиненија против ниеден од нив, а Гринчук не е наведен како учесник во шемата.
Европа
(Видео) Русинка му се заканува на таксист со мачета затоа што не ѝ се допаѓала музиката што ја пуштал
Во инцидент снимен од камерата во такси-возилото Русинка му се заканувала на таксист со мачета затоа што не ѝ се допаѓала денс-музиката на радиото.
Снимката, која стана вирална, ја покажува жената како ладнокрвно вади оружје и бара промена во музичкиот жанр, објавува „Фри прес журнал“.
Видеото ја покажува патничката, која изгледа дека е во своите 50-ти години, како мирно седи на задното седиште пред да извади голема мачета од чантата. Потоа го турнала оружјето меѓу предните седишта кон преплашениот возач барајќи да пушта балади.
😳 In Russia’s Samara region, a taxi passenger threatened the driver with a machete — demanding he play shanson
A taxi ride in the Samara region nearly turned into a bloody scene after a passenger pulled out a machete and began threatening the driver, insisting he change the… pic.twitter.com/WwMM7vnTNY
— NEXTA (@nexta_tv) November 13, 2025
„Не ми се допаѓа ваков вид музика“, му рекла таа на преплашениот возач, кој се стреснал и се повлекол. „Разбирам, разбирам. Ќе ја исклучам“, одговара тој. „Кога ќе ја вклучиш мојата омилена балада, ќе ја тргнам мачетата“, додала жената.
Возачот, во паника, застанал покрај патот со рацете во воздухот и бргу пронашол соодветна радиостаница. Дури тогаш патничката го спуштила оружјето. Инцидентот наводно се случил во рускиот град Самара, а возачот наводно подоцна ја оставил жената на локалните гробишта.
Вознемирувачката снимка стана вирална, па полицијата во Самара почна потрага по неидентификуваната жена. Иако возачот не поднел официјален извештај, службениците од полициската станица Смишљаевка потврдија дека го истражуваат случајот поради високиот јавен интерес.
фото: принтскрин

