Свет
Лекари во Вухан тврдат дека од 3 до 10 отсто од излекуваните повторно се позитивни на коронавирусот
Од 3 до 10 проценти од пациентите со Ковид-19 повторно биле позитивни на коронавирусот откако биле излекувани и отпуштени од болница, откриле лекарите во Вухан, објави „Саут Чајна морнинг пост“.
Истражувачите ширум светот се обидуваат да утврдат дали закрепнатите пациенти сè уште можат да заразат други луѓе со коронавирус и дали имаат развиено антитела кои им нудат имунитет на болеста.
Лекарите од болницата „Тонџи“ во Вухан, каде лани во декември првпат се појави вирусот, за телевизијата CCTV изјавиле дека не пронашле докази дека пациентите кои повторно биле позитивни на вирусот станале заразни, а тоа го утврдиле врз основа на набљудувања на членовите на нивните семејства и лабораториските тестови.
И покрај релативно малиот процент, истражувањето на болницата „Тонџи“ е особено важно бидејќи Кина сега има далеку повеќе закрепнети пациенти отколку нови потврдени случаи.
Во Кина се излекувани над 90% од заразените пациенти, а околу 4.300 сè уште се на лекување во болниците. Вкупната бројка на заболени е 81.340, а бројот на смртни случаи 3.292, но повеќето од новите случаи се увезени.
Ванг Веи, претседател на болницата „Тонџи“, изјави за CCTV дека од 147 излекувани пациенти што ги проучувале, само пет – или нешто повеќе од 3 проценти – биле повторно позитивни.
Во меѓувреме, магазинот за здравје „Лајф тајмс“, оваа недела објави дека карантинските установи во Вухан објавиле дека околу 5 до 10 проценти од нивните излекувани пациенти биле позитивни откако повторно се тестирале.
Овие податоци отворија прашања за тоа дали тестовите со нуклеинска киселина може да не се точни во откривање траги од вирусот кај некои од закрепнатите пациенти.
Ванг за CCTV изјави дека петте пациенти од неговата болница кои повторно биле позитивни немале никакви симптоми, а ниту еден од членовите на нивните семејства или луѓе со кои имале близок контакт не е заразен.
Тој рече дека нема докази дека излекуваните пациенти кои повторно се позитивни ќе бидат заразни за другите.
„Досега нема докази кои индицираат дека тие се заразни“, рече Ванг, додавајќи дека надзорот над други пациенти покажал дека околу 80 до 90 проценти од нив немаат никаква трага на коронавирусот во нивната крв еден месец откако биле отпуштени од болниците.
Анализата на друга група од 15 пациенти од болницата, исто така, потврди сличен тренд, при што никој не ги заразил членовите на нивните семејства.
„Овие се само мали примероци и не се доволни за да нè уверат во валидноста на нашите први наоди“, рече Ванг. „Ни треба голема епидемиолошка студија“, додаде тој.
Сепак, тој рече дека е важно излекуваните пациенти да останат во изолација две недели по отпуштањето од болница за да можат повторно да бидат тестирани за потврда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.