Свет
Лекар од Газа четири недели не ја напуштил болницата: „Сакам да се сокријам и да плачам“
Докторот Мухамед Гнеим не ја напушта болницата во градот Газа веќе четири недели. Не може да се сети кога последен пат спиел или јадел нормално, а неговата сина униформа е извалкана со дамки од крв, објави „Си-Ен-Ен“ во својот извештај од Газа.
Гласот на лекарот се кине додека раскажува за ужасите што ги видел – откорнати фетуси од утробите на мајки што умирале, деца со повредени бели дробови кои се борат за воздух, а колегите лекари, медицински сестри и техничари биле донесени во болничката мртовечница во торби за тела.
„Го даваме најдоброто што можеме, затоа со денови не излегуваме од болница. Но, ситуацијата е страшна. Нема начин или јазик да се каже ова со зборови“, изјави Гнеим за „Си-ен-ен“ во гласовната порака испратена на 7 ноември, додека звуците на хаос и паника одекнуваа во позадина.
„Многу пати сакам да се тргнам настрана и да плачам, но нема време за тоа“, додал докторот.
Гнеим е доктор во Ургентниот центар на болницата Ал Шифа, што на арапски значи „куќа на исцелување“. Но, болницата, најголемиот медицински комплекс во Газа, стана место на смрт, известува „Си-Ен-Ен“.
Болницата нема чиста вода, лекови, гориво и други потреби. Во меѓувреме, илјадници Палестинци повредени или раселени од израелските воздушни напади врз Хамас продолжуваат да ги полнат болничките одделенија барајќи засолниште од навидум непрестајните воздушни напади.
Израелските сили ја опколија болницата од сите страни во саботата, ставајќи ги во опасност безбедноста и здравјето на сите внатре, рече д-р Мунир ал Бурш од палестинското Министерство за здравство, поддржано од Хамас.
Израелските напади го уништија генераторот на болницата, рече Ал Бурш, предизвикувајќи прекин на електричната енергија. Поради ова, во опасност се 39 новороденчиња на неонаталното одделение. Три бебиња веќе починаа, рече Ал Бурш.
Израелската војска негира дека болницата е под опсада, велејќи за „Си-Ен-Ен“ дека во близина се водат опсежни борби против Хамас. Тие не сакаа да прецизираат колку се блиску до болницата, велејќи дека воените активности се’ уште се во тек.
Израел го обвини Хамас дека ја користи болницата како штит, што лекарите и Хамас го негираа.
„Ние сме обучени да третираме голем број жртви, но не толку многу. Немаме анестетици за пациенти кои трпат силни болки, пациенти со шрапнели во главата или стомакот, луѓе на кои им се ампутирани рацете или нозете“, вели 28-годишниот доктор Гнеим.
Алармантните сцени од Ал Шифа, како и од другите болници во Газа, поттикнаа меѓународни повици за прекин на огнот и ослободување на хуманитарна помош за Појасот Газа, каде живеат околу два милиони Палестинци, моментално изолирани од светот.
Непрофитните медицински групи низ САД се мобилизираа да соберат средства и да испратат лекови и медицински материјали во болниците во Газа пред да биде предоцна.
Израел започна жесток напад врз Газа од воздух и од земја, откако Хамас ја нападна израелската територија на 7 октомври. Во нападот на Хамас загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 200 беа киднапирани. Повеќе од 11.000 Палестинци ги загубија животите во израелските напади врз Газа, од кои околу половина беа деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

