Свет
Либерман нема да ги поддржи ниту Ганц ниту Нетанјаху за премиер

Авигдор Либерман во неделата изјави дека неговата десничарска партија нема да поддржи ниту еден кандидат за премиер за време на неговите консултации со претседателот Рувен Ривлин, пренесува „Спутник“ .
Либерман, кој ја води десничарската партија Јисраел Бејтуну (Израел нашиот дом), во неделата рече дека Нетанјаху и Ганц треба да се откажат од својата „детска расправија“ и да формираат влада на национално единство. Тој им рече да фрлат паричка за да одлучат кој прв ќе биде премиер.
Во своите забелешки Либерман, чија партија освои осум пратенички места на изборите минатата недела, рече дека не може да ги поддржи ниту Нетанјаху ниту Ганц, кој би можел да добие поддршка од претежно арапската Заедничка листа.
„Во Кнесетот има партија што се обидува да нè уништи однатре и во најдобар случај тие припаѓаат на парламентот во Рамалах, а не во Израел. Затоа не можеме да го поддржиме Бени Ганц. Значи, нашата препорака до претседателот е да не поддржуваме никого“, рече Либерман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Можно е да нема мировен договор меѓу Украина и Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска по првиот состанок на неговиот кабинет изјави дека постои можност да не биде постигнат мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Имате голема доверба во нас затоа што претпоставувате дека ќе има мир. Знаете, можно е да не успее. Постои можност да не успее, но се надевам дека ќе успее, заради човештвото“, рече Трамп, пренесува NBC, потсетувајќи дека американскиот претседател претходно ветил дека може да ја заврши војната во Украина за 24 часа.
На првиот состанок на неговиот кабинет, Трамп рече дека САД ќе и дадат безбедносни гаранции на Украина во многу ограничен обем, сугерирајќи дека европските земји, кои се географски поблиску до Украина, треба да ја преземат таа одговорност.
„Ќе го оставиме тоа на Европа, бидејќи Европа е нивен сосед. Но, ќе се погрижиме се да оди како што треба и, како што знаете, ќе бидеме партнери со Украина во однос на ретките минерални суровини. Ретки минерали ни се многу потребни, а Украинците ги имаат“, рече Трамп на состанокот на неговиот кабинет и потврди дека секретарот за внатрешни работи Даг Бургум ќе работи заедно на ова прашање заедно со секретарот за енергетика Крис Рајт.
Според Трамп, рускиот претседател Владимир Путин „би морал“ да направи отстапки во преговорите за ставање крај на војната во Украина.
На прашањето какви отстапки би требало да направи рускиот лидер, Трамп одговори – „Не сакам да ви кажам сега“.
Според Си-Ен-Ен, на прашањето за пристапот на Украина во НАТО, Трамп накратко ги отфрлил аспирациите на Украина за членство.
„Можам да им кажам – можете да го заборавите НАТО“, рече американскиот претседател, пренесува Танјуг.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Сицилија

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во 19 часот и 11 минути на подрачјето на Сицилија (Италија).
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во област со географски координати на географска ширина 38,6927 и географска должина 15,3717.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 126 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Свет
Маск: САД ќе банкротираат без намалување на буџетските трошоци

Соединетите Американски Држави мора брзо да дејствуваат за да постигнат намалување на дефицитот на земјата од илјада милијарди, изјави денеска шефот на Одделот за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск на првиот состанок на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Маск предупреди дека земјата ќе банкротира без намалување на трошоците, пренесува Ројтерс.
Трамп го започна првиот состанок на владата во вториот мандат, а на состанокот присуствува и технолошкиот милијардер Илон Маск, кој формално не е член на кабинетот, пренесува Танјуг.
Белата куќа претходно денеска објави дека Маск присуствува како советник на претседателот Доналд Трамп и дека ќе добива совети и инструкции за Одделот за владина ефикасност (DOGE), со кој тој раководи, објави Си-Ен-Ен.