Свет
Лидерите на самитот на НАТО загрижени за здравјето на Бајден и можното враќање на Трамп

Европските лидери внимателно ќе го следат американскиот претседател Џозеф Бајден на самитот на НАТО во Вашингтон бидејќи неговиот несигурен настап во ТВ-дебата со ривалот Доналд Трамп ја зголеми веќе постојната загриженост кај Европејците, кои ги гледаат САД како непредвидлив сојузник, пишува „Гардијан“.
Самиот Бајден се надева дека неговата лидерска улога на самитот може да ја спаси неговата кампања од Трамп во услови на бранови загриженост за возраста и за менталната состојба на претседателот.
Некои европски претставници, сепак, изразија загриженост во приватни разговори за неизвесниот јавен настап на Бајден, како и големата веројатност Трамп да добие втор мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Седумгодишно девојче почина во ски-центар во САД: голема карпа падна врз неа

Седумгодишно девојче од Невада починало откако било погодено од голема карпа која се откинала и паднала врз неа во ски-центар, соопштија локалните власти.
Аделин Грајмс почина по несреќа во ски-одморалиштето „Дајмонд Пик“ во селото Инклин, а Канцеларијата на судски совет од округот Вашо утврди дека станува збор за несреќа, објавија американските медиуми.
Скијачкиот центар „Дајмонд Пик“ изрази искрено сочувство до семејството на починатото девојче.
Околу 15 часот и 38 минути била повикана брза помош, а ски патролата веднаш укажала прва помош. Според соопштението од одморалиштето, набрзо пристигнале членовите на пожарникарската служба на Норт Лејк Тахо и Одделот на шерифот на округот Вашо.
„И покрај напорите на итната помош, детето им подлегна на повредите“, се вели во соопштението од ски-центарот, кој се наоѓа североисточно од езерото Тахо, на страната Невада.
Во посебна изјава, канцеларијата на шерифот, која го истражува случајот, го опиша инцидентот како трагична несреќа.
„Во овој случај нема елементи за кривично дело, а канцеларијата на шерифот изразува најдлабоко сочувство до сите погодени од оваа трагедија“, велат тие.
Свет
Трамп ќе ја укине агенцијата за помош на постарите и на лицата со посебни потреби

Со најавата на американското Министерство за здравство дека значително ќе го намали персоналот, ќе спои повеќе одделенија и ќе затвори регионални канцеларии, една од агенциите посветена на постарите лица и лицата со попреченост стана колатерална жртва.
Администрацијата за живот во заедницата ќе биде укината и нејзините „клучни“ програми ќе бидат префрлени на други агенции во рамките на HHS, соопштија од одделот. Тие, сепак, не прецизираа кои програми за Администрацијата за живот во заедницата беа прогласени за неопходни и кои ќе бидат прекинати.
„Ова се буквално програми за спасување животи и тие се исклучително важни“, изјави Алисон Баркоф, која ја водеше Администрацијата за живот во заедницата од 2021 до 2024 година.
„Десетици милиони постари лица и лица со попреченост можеби никогаш не слушнале за Администрацијата за живот во заедницата, но тие знаат за домовите за стари лица, оброците и другите програми кои им го разубавуваат животот секој ден“, додаде Баркоф.
Според неа, во фискалната 2022 година, Администрацијата за живот во заедницата обезбеди повеќе од 261 милион оброци на постари лица, им пружи помош на повеќе од 1,5 милиони семејни старатели и им помогна на 250.000 лица со попреченост да продолжат да живеат самостојно.
Според соопштението од американското Министерство за здравство, бројот на нивните вработени со полно работно време ќе се намали од сегашните 82.000 на 62.000. Во исто време, 28 одделенија ќе се спојат во 15, а бројот на подрачни канцеларии ќе се намали од 10 на 5. Како дел од оваа реорганизација, Администрацијата за живот во заедницата повеќе нема да постои.
„Ова нема да заштеди пари. Нема да го направи американското Министерство за здравство поефикасно“, рече Баркоф, додавајќи дека буџетот на Администрацијата за живот во заедницата изнесува 2,5 милијарди долари, додека вкупниот буџет на Министерството за здравство е 1,7 трилиони долари.
Свет
Нема знаци на живот под урнатиот облакодер во Бангкок: „Ќе копаме уште“

Гувернерот на Бангкок Чадчарт Ситипунт изјави дека не се откриени знаци на живот во урнатините на облакодер во главниот град на Тајланд, каде што беа заробени повеќе од 70 луѓе.
Спасувачите утрово се подготвуваат да копаат подлабоко, а гувернерот рече дека е подготвена и тешката механизација.
Досега избегнуваа да користат тешка механизација од страв дека зградата може дополнително да се урне. На почетокот на операцијата успеале да лоцираат неколку преживеани под урнатините, но во последните денови се извлечени само тела, вкупно 13 досега.
Чадчарт утрово изјави дека сегашната цел на операцијата е да се извлечат телата на загинатите.
Властите, сепак, се уште официјално не ја нарекуваат оваа операција потрага по тела, јавува Би-би-си.
За потсетување, над 2.000 луѓе загинаа, а 3.400 беа повредени во земјотресот со јачина од 7,7 степени во петокот, еден од најсилните во Мјанмар, објави воената влада. И во Тајланд има загинати.
„Сите воени и цивилни болници, како и здравствените работници, мора да работат заедно на координиран и ефикасен начин за да обезбедат ефективен медицински одговор“, изјави лидерот на хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, цитиран од државните медиуми.