Свет
Лукашенко: Барањата на Полска и на балтичките земји за повлекување на „Вагнер“ од Белорусија се глупави
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека барањата на Полска и на балтичките земји за повлекување на руската платеничка група „Вагнер“ од Белорусија се неосновани и глупави, објави во четвртокот белоруската државна новинска агенција БЕЛТА.
БЕЛТА ја цитира изјавата на Лукашенко дека противењето на присуството на „Вагнер“ во Белорусија е неоправдано сѐ додека странските трупи се стационирани во Полска и на Балтикот, кои сите се членки на НАТО.
„Вагнер“, чиј водач Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа во Русија минатата недела, премести некои од своите платеници во Белорусија според договорот со посредство на Лукашенко за да се стави крај на краткиот бунт на „Вагнер“.
Полска и нејзините соседи го гледаат присуството на „Вагнер“ во Белорусија како безбедносна закана, а Варшава како одговор премести дел од сопствените трупи на исток кон границата со Белорусија.
Лукашенко изјави дека Полска и Балтикот немаат право да се жалат на „Вагнер“ во Белорусија сѐ додека имаат дури и еден странски службеник на нивна територија.
Белорусија кон крајот на јули соопшти дека членовите на „Вагнер“ почнале да ги обучуваат своите специјални сили на воен полигон на само неколку километри од границата со Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По смртта на Раиси, потпретседателот на Иран се очекува да стане привремен претседател за да помогне во организирањето на претседателските избори
Како потпретседател на Иран, се очекува Мохамад Мокбер да стане привремен претседател за да помогне во организирањето на претседателските избори што треба да се одржат во рок од 50 дена од смртта на претседателот Раиси.
Кој е тој
Роден на 1 септември 1955 година, Мокбер, како Раиси, се смета за близок до врховниот лидер Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни прашања. Мокбер стана прв потпретседател во 2021 година кога Раиси беше избран за претседател.
Мокбер беше дел од тимот на ирански официјални лица кои ја посетија Москва во октомври и се согласија да достават ракети земја-земја и повеќе беспилотни летала за руската војска, изјавија извори за Ројтерс тогаш.
Во тимот беа вклучени и двајца високи функционери од Иранската револуционерна гарда и еден функционер од Врховниот совет за национална безбедност.
Мохбер претходно беше на чело на Сетад, инвестициски фонд поврзан со врховниот лидер.
Свет
Реакции на светските лидери за смртта на иранскиот претседател
Лидерите ширум Блискиот Исток и пошироко го изразуваат своето сочувство откако иранскиот претседател Ебрахим Раиси и уште осум лица загинаа во хеликоптерска несреќа.
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахјан е меѓу загинатите.
Индискиот премиер Нарендра Моди на мрежата Х напиша дека е шокиран од смртта на Раиси.
„Длабоко тажен и шокиран од трагичната смрт на Сејед Ебрахим Раиси, претседател на Исламската Република Иран. Неговиот придонес во зајакнувањето на билатералните односи меѓу Индија и Иран секогаш ќе се памети. Моето искрено сочувство до неговото семејство и народот на Иран. Индија стои со Иран во ова време на тага“, напиша Моди.
Ирачкиот премиер Мохамед Шија Ал Судани изрази „искрено сочувство“ до иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и неговата влада во објава на мрежата X.
„Ја изразуваме нашата солидарност со братскиот ирански народ и нашите братски претставници во Исламската Република во оваа болна трагедија.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека „Пакистан ќе прогласи ден на жалост, а знамето ќе биде спуштено на половина копје како знак на почит кон претседателот Раиси и неговите соработници и како знак на солидарност со братскиот Иран“.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека е „потресен од страшната вест“ за смртта на претседателот на Исламската Република Иран.
Мадуро рече: „Го изразуваме нашето најдлабоко сочувство до врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и бараме божествена утеха за таквата голема загуба“.
Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, рече дека ОАЕ стојат во солидарност со Иран во овој тежок момент, изразувајќи искрено сочувство до семејствата на загинатите во несреќата.
Свет
Идентификувани уште три жртви во хеликоптерската несреќа во Иран
Објавени се имињата на некои од загинатите во хеликоптерската несреќа, освен иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан.
Државната новинска агенција ИРНА соопшти дека во хеликоптерот биле и ајатолахот Мохамад Али Ал-е Хашем, имамот на петочната молитва во градот Табриз и генералот Малек Рахмати, гувернер на иранската провинција Источен Азербејџан.
Загина и командантот на единицата за заштита на претседателот, Сардар Сејед Мехди Мусави.