Свет
Мадуро тврди дека венецуелските научници создале лек против Ковид-19 без несакани ефекти
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, рече дека неговата земја дизајнирала високоефективен антивирусен лек, што го десеткува коронавирусот без никакви несакани ефекти. Лекот ќе биде претставен на СЗО за сертифицирање, пренесува РТ.
„Сакам да кажам дека Венецуела разви лек, кој 100 отсто го уништува коронавирусот. Лекот е дизајниран од Венецуелскиот институт за научни истражувања (ИВИ), кој работи на лек за вирусот во последните шест месеци. Лекот се базира на молекула наречена ТР-10, која беше изолирана и, кога беше спротивставена на вирусот, ја докажа својата апсолутна ефикасност“, рече Мадуро.
Мадуро рече дека студијата е веќе разгледана од експерти и научници и ќе биде презентирана пред Светската здравствена организација за таа да може да ги потврди овие наоди.
Додека тој го промовира потенцијалниот чекор напред во терапијата со Ковид-19, Мадуро рече дека Венецуела со нетрпение очекува да му ја понуди оваа терапија на светот честитајќи му на ИВИЦ за овој голем придонес за човештвото.
„Масовното производство на лекот ќе се олесни преку меѓународни сојузи“, рече тој, без да даде повеќе детали.
Новоразвиениот лек е потполно безбеден, тврди Институтот, посочувајќи дека не влијае на здравите молекули во телото и не резултира со несакани ефекти.
Студиите биле спроведени на вирусни клетки изолирани од пациенти со коронавирус во Венецуела, рече Габриела Хименез, министер за наука и технологија.
„Молекулата е дериват на урсолната киселина, која покажа 100-отстотна инхибиција на репликацијата на вирусот ин витро (надвор од жив организам)“, рече таа, а цитирана од новинската агенција ЕФЕ.
На почетокот на овој месец Венецуела стана првата латиноамериканска држава што ја доби руската вакцина „спутник V“ против Ковид-19. Околу 2.000 лица се очекува да бидат имунизирани во Венецуела како дел од истражувањето во фазата III. Вакцината е регистрирана во Русија во август, што ја прави прва регистрирана вакцина во светот против Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.