Свет
Мажот од САД кој си го смени името во „Буквално било кој друг“ се кандидира за претседател
Мажот од американската држава Тексас кој си го смени името во Буквално било кој друг (Literally Anybody Else) ја објави својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година, јавуваат американските медиуми.
Елс ја објави својата возачка дозвола од Тексас на својата страница на Фејсбук за кампањата, докажувајќи дека навистина го сменил своето име во Буквално било кој друг.
Елс, порано Дастин Ебеј, работи како наставник по математика во областа Форт Ворт и е воен ветеран.
Тој добива пошта во градот Норт Ричленд Хилс, Тексас, каде што ќе ја заснова својата кампања, а предизборниот штаб доаѓа наскоро, според веб-страницата на Елс.
„Америка не треба да биде заглавена во изборот меѓу „кралот на долгот“ (како што самиот Трамп изјави) и 81-годишник“, пишува на страницата. Ова се однесува на поранешниот претседател Доналд Трамп и актуелниот претседател Џо Бајден, кои ги добија номинациите на нивните партии.
„Буквално било кој друг не е само личност, тоа е борбен крик“.
Сепак, објавувањето кандидатура за претседателските избори е едноставно, но нешто покомплицирано е всушност да се појави на гласачките ливчиња. Елс треба да собере 113.151 потписи од регистрирани гласачи во Тексас кои не гласале на првичните избори на почетокот на овој месец, а тоа е само во Тексас.
Секоја сојузна држава има различни барања за официјална кандидатура.
Сепак, Елс би можел да се регистрира како таканаречен “write-in” кандитат, така што неговото име нема да стои на гласачките ливчиња, но гласачите сепак можат да го допишат и на тој начин да гласаат за него.
Кампањата на Елс привлече внимание низ целата земја и беше покриена од неколку национални медиуми.
Претседателскиот кандидат во вторникот на Фејсбук објави дека дал бројни интервјуа и дека има 660 непрочитани мејлови, со кои се занимава покрај редовната работа.
„Ми треба менаџер за кампања“, напиша Елс во објавата.
„Сакам да испратам порака до Вашингтон во која се вели: „Еј, од 300 милиони луѓе, можевте да изберете подобри (кандидати)“, рече Елс на „Тик-Ток“, мислејќи на Трамп и Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.