Свет
Маж во САД бил каснат од отровно милениче, завршил во болница и починал
Човек од Колорадо почина во болница откога го касна миленичето, отровен брадавичар. Кристофер Вард (34) бил итно пренесен во болница набргу по каснувањето од еден од неговите два отровни гуштера на 12 февруари. Набргу завршил на апарати за одржување, а починал во петокот.
Претставниците на судскиот совет од округот Џеферсон вчера одбија да коментираат за причината за неговата смрт или дали Вард починал од отров или од друга здравствена состојба. Девојката на Вард им ги предала гуштерите, по име Винстон и Потато, на властите ден по каснувањето, пренесува „Еј-би-си њуз“.
Таа на полицијата ѝ кажала дека Вард веднаш почнал да покажува симптоми – повраќал неколкупати, а потоа на крајот се онесвестил и престанал да дише. 34-годишникот го купил Винстон, кој го каснал, во октомври на рептили-шоу во Денвер, а Потато од одгледувач во Аризона во ноември.
Отровните брадавичари се отровни влечуги, кои живеат во југозападниот дел на САД и на територијата на Мексико. Тие се хранат со птици, со нивните јајца и со помали цицачи. Острите заби во долната вилица имаат бразди низ кои тече отровот од токсичните сублингвални жлезди. По нивниот угриз, луѓето може да почувствуваат силна болка и да се онесвестат, но тие обично не се фатални.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

