Свет
Маж загина во пукање во Белгија, повредено уште едно лице
Синоќа, пукање во бриселската општина Андерлехт резултирало со смрт на едно лице, а друго е повредено, соопшти бриселското Јавно обвинителство. Засега не се познати точните околности на инцидентот, пренесува „Белга“.
„Полициската зона Брисел-југ прими дојава за пукање во областа Аумале околу 20.50 часот“, изјави портпаролката на обвинителот, Јасмина Вановершелде.
„Една жртва, маж, почина. Уште едно лице е повредено. Јавното обвинителство на Брисел е информирано за инцидентот. Во интерес на истрагата засега не можеме да даваме дополнителни коментари“, додаде таа.
Наводно пукањето се случило во кафуле на улицата Себастопол, во близина на метро-станицата Аумале. Присутните се обиделе да го оживеат оштетениот, но тој им подлегнал на повредите.
Напаѓачот, за кој се верува дека користел нешто како автоматска пушка, избегал од местото. Вооружени полициски патроли ја пребараа областа, поддржани од хеликоптер на федералната полиција. Сè уште не е потврдено дали некој е уапсен.
Областа околу станицата Аумале беше погодена од насилство поврзано со дрога во последните месеци. Во октомври четири престрелки се случија во рок од десет дена, што ја зголеми загриженоста за безбедноста на жителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Унгарија и Словачка посегнуваат по стратешките резерви на нафта
Унгарија ќе ослободи околу 250.000 тони нафта од стратешките резерви, според владина уредба објавена доцна во четврток, поради прекини во снабдувањето по прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“.
Унгарската нафтена и гасна компанија „МОЛ“ објави во понеделник дека побарала зелено светло од Министерството за енергетика за повлекување на илјадници тони нафта од стратешките резерви.
Владината уредба од четврток го одобри барањето, а бараните 250.000 тони нафта ќе бидат ослободени од стратешките резерви, при што „МОЛ“ ќе има приоритетен пристап до залихите.
„МОЛ“ ќе може да ја „позајмува“ нафтата до 15 април, со обврска да ја врати до 24 август, се вели во уредбата.
На крајот на јануари, Унгарија имала доволно нафта и нафтени производи на залиха за да ја покрие побарувачката за период од 96 дена, ги пренесува Ројтерс податоците од веб-страницата на Унгарското здружение на резерви на јаглеводороди. MOL, пак, има намера да го покрие недостигот од снабдување на своите рафинерии во Унгарија и Словачка со нафта испорачана по море, според соопштението објавено во понеделник.
Морското патување трае подолго, па затоа оваа рута за снабдување се воспоставува „постепено“, забележа MOL, додавајќи дека првите пратки треба да пристигнат во хрватското пристаниште Омишаљ на почетокот на март и ќе им бидат потребни дополнителни пет до 12 дена за да стигнат до рафинериите на групацијата MOL.
Ова би значело дека тие ќе пристигнат дури околу средината на март. Сегашната ситуација во моментов не претставува закана за снабдувањето со гориво на малопродажниот пазар, нагласи MOL во понеделник.
Словачка, исто така, одобри повлекување на нафта од резервите
Во среда, словачката влада, исто така, одобри „позајмица“ од 250.000 тони нафта од стратешките резерви на рафинеријата Словнафт, во сопственост на МОЛ, и прогласи вонредна состојба во снабдувањето.
Рафинеријата ќе ѝ обезбеди на државата финансиски депозит или банкарска гаранција во соодветната сметководствена вредност за „позајмената“ нафта, објави TASR, а резервите мора да се надополнат најдоцна до септември. Словнафт забележа дека 250.000 тони треба да бидат доволни за најмалку еден месец.
И Унгарија и Словачка го прекинаа извозот на дизел во Украина оваа недела, пренасочувајќи ги сите нафтени производи кон домашниот пазар.
Европа
Шведска воведува мобилен систем за предупредување од воздушен напад
Шведска годинава ќе воведе систем за алармирање преку мобилен телефон за да го предупреди населението за воздушни напади во воено време, инспириран од сличен систем во Украина, соопшти агенцијата задолжена за проектот.
Шведска веќе има надворешен систем за алармирање, кој се состои од околу 4.500 сирени инсталирани на покриви и други високи згради.
„Врз основа на искуствата што ги видовме во Украина, откривме дека непријателот, во овој случај Русија, би го уништил нашиот надворешен систем за алармирање“, изјави за АФП Хенрик Ларсон, раководител на Одделот за цивилна заштита во Шведската агенција за цивилни непредвидени ситуации.
Новиот систем, наречен SE Alert, „затоа би послужил како дополнување на постојниот“, додаде тој.
Во случај на воздушен напад, мобилните телефони поврзани со шведската телекомуникациска мрежа автоматски би емитувале гласовни предупредувања, аларми и би почнале да вибрираат, објасни тој.
Системот, кој ќе биде имплементиран во рок од шест месеци, би можел да се користи и за испраќање аларми во случај на голема криза во мирно време, како што се нуклеарни или хемиски несреќи.
Агенцијата, исто така, соработува со шведската војска за развој на апликација што ќе им овозможи на граѓаните лесно да фотографираат беспилотни летала и да ги пријавуваат кај властите“, рече Ларсон.
Шведска ги зајакнува мерките за цивилна подготвеност и „сеопфатната одбрана“ од руска инвазија на Украина во 2022 година.
Целта е да се мобилизира целото општество, од владата до компаниите и граѓаните, за колективен отпор кон вооружената агресија, а во исто време да се одржи функционирањето на клучните социјални услуги.
Свет
Трамп ќе патува во Кина кон крајот на март, ќе преговара за царините
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посети Кина од 31 март до 2 април, потврди во петокот функционер на Белата куќа, со што се утврдени датумите за долгоочекуваниот самит во услови на тензии меѓу двете најголеми економии во светот, објави Ројтерс.
Се очекува Трамп да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг за време на посетата. Двете страни моментално размислуваат дали да го продолжат трговското примирје кое ја запре ескалацијата на царините, рече функционерот, кој побара да не биде именуван бидејќи деталите сè уште не се официјално објавени.
Самиот Трамп го најави патувањето во Кина во четврток пред странските лидери, велејќи: „Ќе биде лудо. Мораме да го направиме најголемиот спектакл во историјата на Кина“.
Тоа ќе биде првиот разговор меѓу двајцата лидери од февруари и нивната прва средба лице в лице од средбата во Јужна Кореја минатиот октомври, кога Трамп се согласи да ги намали царините за Кина во замена за ветувањето на Пекинг да се справи со нелегалната трговија со фентанил, да продолжи да купува американска соја и да обезбеди непречен извоз на ретки метали.

