Свет
Макрон: Ако Русија не се согласи на прекин на огнот, ќе следат нови санкции
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да го поддржи воведувањето нови санкции против Русија во наредните денови доколку Москва не се согласи на прекин на огнот. Тој ги спомена финансискиот сектор и индустријата за нафта и гас како можни цели на санкции.
„Нашата намера е да воведеме нови санкции против Русија во наредните денови“, рече Макрон во вечерното интервју за телевизијата TF1.
Коментарите на Макрон уследија по слични пораки од Лондон, Берлин и Варшава – сите три земји најавија нови мерки во сабота доколку Русија не се согласи на 30-дневен безусловен прекин на огнот, кој требаше да стапи на сила на почетокот на оваа недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, вчера предупреди дека европските сојузници ќе воведат „значително заострување на санкциите“ доколку Владимир Путин го отфрли примирјето, наведувајќи ги енергетските и финансиските пазари како клучни сектори. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во понеделникот изјави дека Европската комисија е задолжена да подготви предлози за нови санкции токму во тие области.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

