Свет
Макрон: ЕУ може да умре ако не стане поконкуретнтна со САД и Кина
ЕУ може да умре ако не стане поконкурентна со САД и Кина, предупреди францускиот претседател Емануел Макрон.
„Унијата регулира премногу, а премалку инвестира“, рече Макрон, пренесуваат регионалните медиуми.
Вашингтон и Пекинг веќе ја надминуваат ЕУ по економски резултати и инвестиции, додаде.
„ЕУ може да умре, ние сме на работ на многу важен момент“, рече Макрон. „Нашиот стар модел е минато – ние регулираме премногу, а инвестираме премалку. Ако ја следиме нашата класична агенда во следните две до три години, ќе исчезнеме од пазарот“.
Во април, Макрон повика на поголема интеграција на европската одбрана и предупреди дека блокот не може да стане вазал на САД кога станува збор за безбедносни и воени прашања.
Неговото предупредување доаѓа по уште едно предупредување објавено во извештајот на поранешниот италијански премиер и поранешен шеф на Европската централна банка Марио Драги.
„Постои ризик нашата Европа да умре. Ние не сме опремени да се соочиме со ризиците“, рече Драги кога ја изложи својата визија за иднината на ЕУ. Извештајот на Драги, исто така, ги повикува владите на ЕУ да инвестираат повеќе во заеднички одбранбени проекти бидејќи „веќе не можат целосно да сметаат на САД“.
Некои европски влади стравуваат дека вториот мандат на Доналд Трамп може да претставува ризик за НАТО доколку победи на американските избори во ноември.
Макрон го нарече НАТО „мозочно мртов“ во 2019 година, посочувајќи дека Европејците повеќе не можат да сметаат на САД да обезбедат безбедносен чадор против заканите како што е руската агресија, анализираат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Синот на Роб Рајнер ќе биде обвинет дека до смрт ги избол своите родители
Ник Рајнер ќе биде обвинет за двојно убиство од прв степен на неговите родители, холивудскиот режисер Роб и фотографката Мишел, изјави окружниот обвинител на округот Лос Анџелес, Натан Хочман.
Роб и Мишел Рајнер беа пронајдени мртви со очигледни убодни рани во неделата во нивниот дом во Брентвуд, Лос Анџелес.
„Денес сум тука да објавам дека нашата канцеларија ќе поднесе обвинение против Ник Рајнер, осомничениот за убиствата на неговите родители, актерот и режисер Роб Рајнер и фотографката и продуцентка Мишел Сингер Рајнер“, рече Хочман на прес-конференција во вторник.
„Тој ќе биде обвинет за две убиства од прв степен со посебна околност за повеќекратно убиство“, рече окружниот обвинител, додавајќи дека Ник Рајнер се соочува и со „специјално обвинение за лична употреба на опасно и смртоносно оружје – нож“.
Хочман рече дека Ник Рајнер се соочува со „максимална казна доживотен затвор без можност за условна слобода или смртна казна“ и во моментов е во притвор без кауција.
Рајнер, кој наполни 78 години во март, долго време е еден од најплодните режисери во Холивуд, одговорен за некои од највпечатливите филмови од 1980-тите и 1990-тите, вклучувајќи ги „This Is Spinal Tap“, „A Few Good Men“, „When Harry Met Sally“ и „The Story of Us“.
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.
Европа
(Видео) Украинците нападнаа уште една рафинерија во Русија
Нафтена рафинерија во рускиот град Славјанск на Кубан во Краснодарската област беше потресена од силни експлозии синоќа. Се верува дека украинските сили ја нападнале со беспилотни летала. Речиси истовремено, непосредно пред полноќ, беше пријавен и напад со беспилотни летала во Саратовската област, објавува „Киев Индепендент“.
Славјанск на Кубан се наоѓа во јужна Русија, недалеку од Азовското и Црното Море, додека Саратовската област во својата најблиска точка е на околу 330 километри од североисточната украинска граница. Киев сè уште не ги коментирал нападите, а информациите сè уште не се независно потврдени.
Украина редовно извршува напади врз руската воена и енергетска инфраструктура со цел да ја ослабне борбената моќ на Москва во тековната војна. Бидејќи рускиот енергетски сектор директно ги финансира воените напори на Кремљ, Киев ги смета енергетските објекти за легитимни воени цели.
Овие напади следат по големиот напад на украинските сили врз руските воени и нафтени објекти на 14 декември, погодувајќи цели низ Русија и на окупираните територии, вклучувајќи го и Крим, како што објави Генералштабот на Украина. Само два дена претходно, на 12 декември, беше потврден и нападот врз рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарослављ, една од петте најголеми во Русија.
Во меѓувреме, гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, на 14 декември тврдеше дека украинскиот ракетен напад врз градот Белгород предизвикал „сериозна штета“ на локалната инфраструктура.

