Свет
Макрон: Нема извинување за француските злосторства во Алжир
Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека нема јавно да се извини за колонијалните злоупотреби извршени во Алжир, пренесува „Мидл Ист монитор“.
„Нема да има покајание, ниту извинување за 132-годишната француска окупација на Алжир или за бруталната војна за независност. Наместо тоа, претседателот ќе учествува во симболични акти насочени кон промовирање на помирувањетo“, рекоа од неговиот кабинет за „Франс 24“.
Изјавата беше објавена во средата кога Макрон требаше да се сретне со истакнатиот историчар Бенјамин Стора во Елисејската палата и да го прифати неговиот извештај за колонизацијата на Алжир. Стора беше ангажиран за извештајот од страна на Макрон минатиот јули за да се погрижат историјата на алжирската војна да биде позната и гледана со луцидност.
Алжирците во минатото бараа Франција да ги признае и да се извини за дискриминаторските практики и за злосторствата извршени за време на колонијалното владеење во земјата. Врз основа на процените на алжирските историчари, 1,5 милион Алжирци биле убиени за време на нивната борба за независност. Француските историчари ја проценуваат оваа бројка на 400.000 од обете страни за време на алжирската војна за независност 1954-1962.
Алжир се стекна со независност на 5 јули 1962 година. Иако Макрон одби официјално да се извини, тој е меѓу ретките француски лидери што го призна крвавото колонијално минато на земјата. Како претседателски кандидат, Макрон во 2017 година недвосмислено ја осуди колонијалната историја на Франција нарекувајќи ја злосторство против човештвото, а како шеф на државата инсистира на потребата подобро да се застапуваат одредени делови од нивната колективна историја и да се интегрира историјата на колонизацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

