Регион
„Макфакс“ дојде до декларацијата што ќе биде усвоена на Самитот во Софија
„Макфакс“ дојде до нацрт-декларацијата што ќе биде усвоена на 17 мај во Софија на самитот на Европската Унија за Западен Балкан, на која европските лидери одлучија земјите од Западен Балкан да не стават потпис по настојувањата на Шпанија, Косово да не добие третман на држава на претстојниот самит. Шпанските медиуми коментираат дека како утешна награда за оваа држава е тоа што западнобалканската шесторка (Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово) нема да треба да стави потпис на документот. Тоа е потврдено и во самата декларација, каде што како посебна точка е посочено дека земјите од Западен Балкан се согласуваат со заклучоците во документот. Исто така, може да се забележи дека во текстот во декларација се користи терминот „нашите партнери од Западен Балкан“ наместо именување на државите.
Инаку, шпанскиот премиер, Маријано Рахој, денеска потврди дека, дефинитивно, нема да учествува на самитот поради позицијата на земјата кон Косово.
„Од самиот почеток беше јасно дека шпанскиот премиер Рахој не сака да учествува поради ставот на Шпанија за статусот на Косово“, рече висок официјален претставник на ЕУ. Меѓутоа, Шпанија најавила дека, сепак, ќе биде презентирана на самитот од страна на понизок дипломатски претставник.
Рахој и претходно навестуваше дека не сака да се најде на исто место со косовскиот претседател Хашим Тачи бидејќи официјален Мадрид не го признава Косово како држава, но исто така и поради контроверзната биографија на албанскиот лидер.
Шпанските медиуми наведуваат дека Рахој ќе замине во Софија, каде што ќе се сретне со локалните власти и ќе присуствува на вечера со европските лидери еден ден пред самитот, а потоа ќе се врати во својата земја. Освен Шпанија, и Грција, Кипар, Романија и Словачка како членки на Унијата не го признаваат Косово, но ќе присуствуваат на самитот. Шпанија е единствената земја што го задржа цврстиот став во однос на самитот.
Инаку, во декларацијата ЕУ ја поздравува заедничката посветеност на партнерите од Западен Балкан на европските вредности и принципи и на визијата за силна, стабилна и обединета Европа.
„Надградувајќи го досега постигнатиот напредок, партнерите од Западен Балкан ѝ се посветија на европската перспектива како нивен цврст, стратешки избор за да ги зајакнат своите напори и меѓусебната поддршка. Веродостојноста на овие напори зависи од јасната јавна комуникација. ЕУ е одлучна да ја зајакне и да ја интензивира својата вклученост на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, како преку засилена помош заснована на видливиот напредок во владеењето на правото така и преку социоекономски реформи на партнерите од Западен Балкан“, се наведува во заклучоците.
Исто така, ЕУ го поддржува ветувањето на партнерите од Западен Балкан дека ќе продолжат со зајакнување на добрососедските односи, регионалната стабилност и на меѓусебната соработка. „Ова го вклучува изнаоѓањето и примената на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за своите билатерални спорови кои потекнуваат од минатото, како и посветување дополнителни напори за помирување“, стои во документот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија испраќа хуманитарна помош за Палестинците: Денеска и утре летаат авиони со стока наменета за загрозените во Појасот Газа
Владата на Србија соопшти дека го усвоила Заклучокот за испраќање хуманитарна помош во стока за Палестина, како форма на помош за ранливото население поради критичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа.
Хуманитарната помош се дава во вид на храна, вода, медицинска опрема, како и шатори за сместување на семејствата, а вкупната вредност на робата е близу три милиони евра, со тежина од околу 900 тони.
Едниот авион денеска ќе ја земе помошта, а другиот утре, се наведува во соопштението и се додава дека „никој не може да процени“ кога оваа стока ќе стигне до жителите на Газа, со оглед на сложеноста на ситуацијата. Остатокот од хуманитарната помош во неколку наврати ќе биде транспортиран со бродови.
Владата се согласи со предлогот на Министерството за надворешни работи да одговори на повикот на специјализираната агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) за обезбедување финансиска поддршка на Програмата за итна помош на Газа, со уплата на средства во износ од 10.000 евра.
Регион
Внатрешната контрола на полицијата бара суспензија на тројцата полицајци кои го испрашуваа Драгијевиќ
Смртта на Далибор Драгијевиќ, братот на осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ (2) со недели е во фокусот на јавноста бидејќи обдукцијата покажала дека тој починал од насилна смрт додека бил во полициски притвор. Целиот случај со насилна смрт го истражува Секторот за внатрешна контрола (СУК), кој, според неофицијалните информации побарал суспензија на тројцата полицајци кои кобниот ден го испрашувале Драгијевиќ во станица.
Откако на 1 мај Одделот за внатрешна контрола изврши увид во полицијата во Бор, а со цел да се утврдат околностите под кои почина Драгијевиќ на 7 април, надлежните од СУК и предложија на надлежната организациска единица на Управата на полицијата да се спроведе дисциплинска постапка поведена против тројца членови на Одделението за криминалистички истраги на ЈУ Бор – Д.Б, И.С и Д.П, како и да донесе решение за времено отстранување од служба.
Според неофицијалните информации Далибор Драгијевиќ бил малтретиран од полицијата од моментот кога бил приведен поради сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на Данка.
Во текот на денот бил претепан од одредени припадници на полицијата, додека го носеле на различни локации за да им покаже каде е телото на двегодишното девојче, за што тврдел дека не знае.
Регион
Српската полиција под критики за Данка: „Ова е сериозен скандал“
Дека во возилото нема биолошки траги од девојчето покажаа првите резултати од ДНК-прегледот на службениот автомобил што го управувале осомничените за убиството на малата Данка Илиќ во Србија, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ. Ова е спротивно на претходните информации што властите ги објавија во јавноста.
Откако во средата Вишото јавно обвинителство во Заечар потврди дека резултатите пристигнале, почнаа да пристигнуваат критики, со кои се доведува во прашање работата на полицијата.
Адвокатот Марко Пантиќ за порталот Време изјави дека целиот случај е на нестабилни нозе и дека полицијата треба да почне внатрешна контрола.
„Првите информации за ова дојдоа токму од полицијата. Доколку се додаде, дополнително, соопштението на полицијата дека еден од сведоците починал во станицата од природна смрт и резултатите од вештачењето од Белград кое покажало дека се работи за насилна смрт – ова треба да предизвика, за почеток, сериозни процедури за внатрешна контрола на работата на полицијата, а со тоа верувам дека треба да се занимава и Обвинителството во Заечар.
Сето ова многу лошо се одразува на угледот на полицијата и придонесува за уште поголем колапс на довербата во институциите, која за жал е на многу ниско ниво“, вели адвокатот за Време.
Спротивставени информации во текот на истрагата и претресот на теренот, кои не резултираа со пронаоѓање на телото на девојчето, предизвикаа критики на српската полиција.
„Сериозен скандал. Објавување лажни вести за откривање на ДНК на малата Данка, принуда на признание, смрт на осомничен при распит… Прашање е дали полицијата конструира кривично дело и случајно наоѓа сторители заради собирање ловорики кога не можат да го решат случајот Каде е обвинителството?“, напиша на „Икс“, адвокатот Владимир Тодориќ.
Криминалистот Добривоје Радовановиќ вели дека се сомнева во веродостојноста на вештачењето на примероците од автомобилот.
„Многу се плашам од тие први и подоцнежни резултати, тоа значи дека се можни секакви мешања, како е можно првото вештачење да покажува дека има траги, а второто да нема траги? Ако второто вештачење, макар и прелиминарно, покажува дека нема траги, како конечно да покаже дека ги има?“, праша Радовановиќ за Време.
Радовановиќ додава дека признанијата изнудени со помош на незаконски средства не се валидни на суд. „Често имаме ситуација кога полицијата користи незаконски средства за да присили признание. Потоа осомничените го признаваат делото, а подоцна го повлекуваат на суд. Тоа е речиси редовна појава во кривичната постапка кај нас“, посочува Радовановиќ.
Како што вели, без докази обвинението не треба да постои. „Во теорија, но во пракса не е така. Времето во кое живееме е време на организиран криминал каде се е можно“, вели криминалистот.
Адвокатот Пантиќ вели дека од правен аспект целиот случај е многу слаб.
„Излегува дека имаме неколку многу тешки и бизарни кривични дела за кои го имаме само зборот на обвинетите, тие се под притисок на јавноста во притвор и ќе бидат уште долго, во тоа не се сомневам.
Но, засега, правно, ова изгледа многу слабо и прашање е дали ќе може да биде нешто посериозно. Како да се обвини некого за убиство ако нема тело и нема начин да се утврди механизмот на одземање живот? Ако ништо друго, прво семејството на детето кое за жал почина, а второ целата јавност заслужува да добие некакво правно финале“, изјави Пантиќ за Време.
Девојчето Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а за нејзиното убиство осомничени се работниците на Бор Водовод Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.
Двајцата беа уапсени на 4 април, а еден ден подоцна беа сослушани во Обвинителството во Заечар. Наводно, во таа прилика Драгијевиќ целосно го признал извршувањето на кривичното дело, додека Јановиќ наводно се бранел молчејќи. Потоа им беше изречена мерка притвор од еден месец.
Се сомнева дека Драгијевиќ и Јанковиќ со автомобил го удриле девојчето, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле до депонијата. Телото на Данка до денес не е пронајдено. Во меѓувреме, приведен е и братот на Драгијевиќ, кој почина во полициската станица во Бор.
Иако првично беше објавено дека починал од природна смрт, обдукцискиот наод на Институтот за судска медицина во Белград покажа дека тој починал од насилна смрт на 7 април во утринските часови во полициска станица.