Свет
„Малку е веројатно дека телата на жртвите ќе бидат извлечени од подморницата“, велат експерти
Кога новинарите денеска ја прашаа американската крајбрежна стража какви се шансите да се извлечат телата на петмината мажи кои загинаа во експлозијата на подморницата Титан, им беше кажано дека „условите на морското дно се неверојатно тешки“. Би-би-си јавува дека експертите велат дека екстремната сила на експлозијата значи дека ќе биде речиси невозможно да се извлечат телата на загинатите.
На подморница притисокот е еквивалентен на тежината на Ајфеловата кула, вели Блер Торнтон, професор по морски науки.
„Структурата на подморницата е она што го штити екипажот од океанот. Сега замислете дека она што ве штити од огромна сила надвор ќе исчезне за миг“, додаде Торнтон.
„При таков удар на океанската вода, силата би била огромна. Тоа е како да фрлите 10.000 тони врз структурата“, рече професорот.
Дениз Корт, професорка по форензичка генетика, рече дека „ќе биде многу тешко да се стигне до таа област доволно брзо за да се извлечат телата“.
„Насилната експлозија на малата подморница значи дека има исклучително мали шанси телата на жртвите да бидат вратени на нивните семејства“, додаде таа.
Пет лица на исчезнатата подморница Титан загинаа во „катастрофална имплозија“, изјави официјален претставник на крајбрежната стража, завршувајќи ја масовната потрага по бродот изгубен за време на неговото патување до Титаник.
Подводен робот без екипаж испратен од канадски брод ја открил урнатата подморница вчераутро на околу 488 метри од лакот на вековната урнатина, 2-1/2 милји (4 километри) под површината, изјави адмирал на американската крајбрежна стража Џон Маугер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

