Европа
„Мамо, некој влезе во џамијата и пука“ – потресно сведоштво за масакрот во Нов Зеланд

Салва Мустафа два дена по терористичкиот напад во Нов Зеланд раскажува дека ги испратила својот сопруг и двајцата синови во џамија и им посакала среќен пат. Не можела ни да сонува дека тоа ќе биде најтажниот ден во нејзиниот живот и дека нејзиниот сопруг и постариот син ќе бидат убиени.
Кога почнало пукањето, синот Хамза (16) се обидел да побегне и во тој момент телефонски ја повикал мајка си.
„Мамо некој влезе во џамијата и пука кон нас“, рекол Хамза додека од џамијата се обидувал да го извлече неговиот помал брат Заид, кој веќе бил повреден во ногата.
Нивниот разговор траел неколку секунди, а тогаш Салва го слушнала пукањето и вресокот на нејзиниот син кој во тој момент бил убиен. Неговиот брат бил погоден од уште еден куршум, но за среќа преживеал. На другата страна од џамијата лежело мртвото тело на нивниот 44-годишен татко, Калед.
„Останав на линијата уште 22 минути. Тогаш некој го зеде мобилниот телефон и ми рече: ‘жалам, но мислам дека вашиот син е мртов’“, раскажува таа.
Салва Мустафа ја раскажа нејзината приказна, за медиумите, во една од болниците во Крајстчрч каде е хоспитализиран нејзиниот помлад син, Заид. Тој е повреден со два куршуми, но успеал да преживее и да избега од џамијата, пишува „Дејли мејл“.
Хамза и неговиот татко се само двајца од 50-те лица кои беа убиени во нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Автобус полн со деца удри во камион во Италија: камерите го снимија судирот

Автобус што превезувал ученици удрил во камион на автопатот Педемонтана, во областа Комо. Камерите на автопатот го снимија судирот, при што возачот на автобусот не закочи, туку удри во камионот пред него. 43-годишна наставничка починала на самото место, а две деца биле повредени.
Камерите инсталирани по должината на автопатот ја снимија несреќата што се случи попладнето во понеделникот, 19 мај, непосредно пред тунел. Автобусот, кој превезувал 30 лица, од непознати причини удрил во камионот пред него.
Во судирот потоа учествувале уште четири возила, кои се движеле во иста насока. Во несреќата беа повредени 27 деца на возраст меѓу 6 и 9 години, кои биле во автобусот, двајца наставници (од кои едниот починал на самото место) и возачот на автобусот. Возачот на камионот, кој бил прв во редот, остана неповреден.
На видео објавено од „Кориере дела сера“ може да се види бел автобус како вози со голема брзина по десната лента од автопатот кога околу 16.30 часот, наместо да закочи, удира во камион пред него. Судирот бил силен и предизвикал облак од прашина, што дополнително ја намалил видливоста на возилата што доаѓаат од спротивната насока.
Автобусот превезувал 27 ученици од прво и четврто одделение од основно училиште. Децата се враќале дома од екскурзија, придружувани од две наставнички. Едната од нив, 43-годишна, седела во првите редови и била заробена во возилото. Пожарникарите ја извлекле, но таа веќе била мртва.
Европа
Сите мобилни оператори престанаа да работат: хаос во Шпанија, по прекинот на електричната енергија, повторно проблем

Сите поголеми мобилни оператори престанаа да работат во цела Шпанија, само четири недели по претходниот прекин на електричната енергија во целата земја.
Ова ги вклучува водечките мрежи во земјата, како што се „Мовистар“, „Оринџ“, „Водафон“, „Дигимобил“ и „О2“, пишува „Метро“.
Според веб-страницата на „Даундетектор“, проблемите почнале околу 5 часот утрово.
Ова влијае на поголемиот дел од земјата, вклучувајќи ги и поголемите градови, како Мадрид, Малага, Барселона, Валенсија, Мурсија, Севилја и Билбао.
Главните проблеми на кои се жалат луѓето вклучуваат целосно губење на сигналот, целосно блокирање на мрежата и проблеми со интернетот. Исто така, беа погодени и 112 линии за итни случаи.
Подрачјата на Баскија, Арагон и Валенсија беа исто така погодени.
Шпанската телекомуникациска компанија „Телефоника“ потврди дека работи на обновување на услугите откога телефонските и интернет-врските беа прекинати. Во меѓувреме, телефонските линии за итни случаи се обновени во Арагон, но проблемите продолжуваат во другите делови од земјата. Според весникот „Ел Корео“, биле извршени некои работи за подобрување на мрежата, што влијаеле на одредени услуги.
Луѓето се жалат на социјалните мрежи за прекинот.
Пред четири недели во Шпанија иво Португалија се создаде паника и масовни купувања кога голем прекин на електричната енергија парализира големи делови од двете земји. Речиси 50 милиони луѓе беа погодени, метрото и возовите беа стопирани, а семафорите не работеа.
Телефонските услуги исто така беа во прекин, а банкоматите не работеа.
Европа
Унгарскиот парламент го одобри законот за повлекување од Меѓународниот кривичен суд

Унгарскиот парламент одобри закон со кој ќе почне едногодишниот процес на повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд откога владата на премиерот Виктор Орбан смета дека Меѓународниот кривичен суд станал политички суд.
Владата на Орбан го објави потегот на 3 април, кратко откога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше во државна посета на Унгарија, неговото ретко патување во странство, спротивно на потерницата од Меѓународниот кривичен суд. Претседателството на Собранието на државите членки на Меѓународниот кривичен суд изрази загриженост во врска со овој потег.
Меѓународниот кривичен суд е основан пред повеќе од две децении за да ги гони обвинетите за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Орбан во април изјави дека Меѓународниот кривичен суд „веќе не е непристрасен суд и суд на владеењето на правото, туку политички суд“.
Унгарија ја отфрли идејата за апсење на израелскиот премиер и ја опиша наредбата како срамна.
Законот за повлекување на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд беше усвоен во вторник со 134 гласа „за“ и 37 „против“.
Нетанјаху ја опиша одлуката на Унгарија како „смела и принципиелна одлука“.
МКС издаде налог за апсење на израелскиот премиер под обвинение за воени злосторства во Газа, а Израел продолжува да ја проширува својата воена операција во палестинската енклава. Нетанјаху ги негира обвинувањата.
Повлекувањето на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд ќе стапи во сила една година откако Генералниот секретар на Обединетите нации ќе добие писмено известување за одлуката.