Свет
Мароко спречи три брода со мигранти да отпловат кон Европа

Мароканските власти соопштија дека спречиле бродови во кои се наоѓале 117 мигранти да отпловат кон Европа и уапсиле 40 лица што се обиделе да ја преминат оградата во шпанската северноафриканска енклава Мелиља.
Неименуван марокански воен офицер изјави за АП дека морнарицата спречила три брода да отпловат преку Медитеранот.
Засега не е познато каде се однесени мигрантите што се наоѓале на бродот.
Во меѓувреме, полициски службеник од Надоро изјави дека вчера биле уапсени 40 мигранти кои се обидувале да се протнат преку жичената ограда во Мелиља, а друга група од 52 лица успеала да премине во Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија направи грешка со гласањето за резолуцијата на ОН, требаше да биде воздржана

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека смета оти Србија направила грешка со гласањето за европската резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, но дека требало да биде воздржана.
„Мислам дека Србија денеска згреши, за тоа им се извинувам на граѓаните и сам ја сносам вината за тоа, затоа што претпоставувам дека сум уморен и оптоварен и не можам се да завршам“, изјави Вучиќ за тамошните медиуми.
Тој додаде дека Србија била воздржана за американскиот предлог за резолуција и дека „гласала токму онака како што треба“, наведувајќи дека според него требало да се воздржи и за прашањето за европската резолуција.
„И како што можете да видите, ова го кажувам во овој момент кога е сосема јасно дека поради ова ќе изгубам наклонетост или политички поени во ЕУ. Верувам дека Србија мораше да биде воздржана. Немам никој друг да обвинувам освен себе, не успеав доволно да се справам со тоа“, рекол Вучиќ, пренесува Бета.
Тој оцени дека Србија три години „трпела во најтешката можна ситуација“ во однос на невоведувањето санкции против Русија, додавајќи дека ставот на Србија „нема да биде урнат со една, две или три резолуции“.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која ја потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на таа земја.
САД не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја усвои нивната резолуција со која се бара прекин на војната во Украина, без да се спомене руската агресија и територијалниот интегритет на нападнатата држава.
Текстот на резолуцијата подготвена од Украина и нејзините европски сојузници беше усвоен со 93 гласа „за“, 18 „против“, вклучително и САД и Русија и 65 воздржани. Србија гласаше за оваа резолуција.
Свет
Трамп: Во сериозни разговори сум со Путин за крај на војната

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е во „сериозни разговори“ со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп изјави дека разговараат и за „голем напредок во економскиот развој“ меѓу Соединетите Американски Држави и Русија и додаде дека разговорите „одат многу добро“.
Трамп го коментираше и неодамнешниот повик меѓу лидерите на Г7, по повод одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина. Тој го повтори своето тврдење „војната никогаш немаше да започне ако бев претседател“, нагласувајќи ја важноста од постигнување договор што би можел да стави крај на конфликтот.
Зборувајќи за разговорите, Трамп рече дека лидерите на Г7 изразиле заедничка цел за ставање крај на војната и тој лично ја истакна важноста на договорот за „виталните критични минерали и ретките земји“ меѓу САД и Украина. Овој договор, според Трамп, треба да биде потпишан многу брзо и да му овозможи на „американскиот народ да ги надомести десетиците милијарди долари“ потрошени за воена помош за Украина, со истовремено поттикнување на украинската економија.
Регион
Грчки научници: Земјотресите во близина на Санторини во постепено опаѓање

Научниците од Универзитетот во Атина кои ги следат земјотресите во близина на островот Санторини денеска објавија дека феноменот „постепено опаѓа“ речиси еден месец по почетокот на повеќекратните земјотреси.
Потресите, понекогаш регистрирани со само неколку минути, поттикнаа илјадници жители да ги напуштат градовите на Санторини, како и блиските острови Иос, Аморгос и Анафи, објави АП.
Училиштата на тие острови се затворени веќе четврта недела, а во сила се многу други ограничувања. Научниците сепак изјавија дека се охрабрени од најновите случувања.
„Сеизмичката активност продолжува да покажува постепен пад, како во однос на дневниот број на регистрирани земјотреси, така и во однос на максималните магнитуди“, соопшти Интердисциплинарниот комитет за управување со ризици и кризи при Универзитетот во Атина.
Активноста останува концентрирана во истата фокусна област без забележани нови микросеизмички скокови од 15 февруари, се вели во соопштението.
Комитетот објави дека меѓу 26 јануари и 22 февруари биле регистрирани повеќе од 20.000 земјотреси со јачина од еден или повеќе степени според Рихтеровата скала.
Повеќекратните земјотреси, кои се припишуваат на природните тектонски процеси, како и на движењето на магмата под морското дно, достигнаа јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, но предизвикаа само мала материјална штета, пренесува Танјуг.
Градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос, денеска изјави дека неколку илјади луѓе се вратиле на островот од крајот на минатата недела и ги повика властите да обезбедат поголема помош за справување со ризиците, вклучително и контрола на паѓањето на карпите и поставување и поправка на огради од ридот.