Свет
Маск: Конгресот ја води Америка кон банкрот
Милијардерот Илон Маск, до неодамна близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, го нарече предлог-законот за буџетот што го заговараше Трамп одвратна гнасотија.
„Жал ми е, но не можам повеќе да го поднесам тоа“, напиша на X најбогатиот човек во светот, чија соработка со Трамп штотуку заврши, и додаде: „Овој огромен, скандалозен и клиентелистички предлог-закон за буџетот е одвратна гнасотија. Срам да им е на оние што гласаа за него: знаете дека згрешивте. Го знаете тоа“.
Во следната објава Маск додаде: „Конгресот ја води Америка кон банкрот“.
Во своите последователни објави тој даде образложение за своето мислење сугерирајќи дека намалувањето на трошоците и н аданоците предложени во предлог-законот ќе го зголеми националниот долг на Америка.
„Ова масовно ќе го зголеми веќе гигантскиот буџетски дефицит на 2,5 трилиона долари и ќе ги оптовари американските граѓани со катастрофално неодржлив долг“, изјави тој.
Предлог-законот ќе ги продолжи даночните олеснувања воспоставени во 2017 година за време на првиот мандат на Трамп и ќе насочи повеќе средства кон приоритетите на неговата администрација, вклучително и 46,5 милијарди долари за изградба на бариери на границата на САД со Мексико.
Сепак, за да се постигнат овие цели, истакнуваат критичарите, законот ќе ја зголеми горната граница на националниот долг. Исто така, ќе го ограничи пристапот до програмите за социјално осигурување, како што се „Медикејд“ и Програмата за дополнителна помош за исхрана (SNAP), колоквијално познати како купони за храна.
Канцеларијата за буџет на Конгресот, непартиска канцеларија, која обезбедува истражувања за Конгресот, проценува дека законот ќе резултира со намалување на субвенциите од „Медикејд“ за 698 милијарди долари и 267 милијарди долари помалку финансирање за SNAP.
Овие компромиси предизвикаа загриженост кај двете страни на алијансата, при што демократите и некои републиканци изразија страв дека нивните избирачи би можеле да го изгубат пристапот до витални владини услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

