Свет
Медведев: НАТО сака да се шири како рак, Русија ќе бара мир со Украина под свои услови

Русија ќе бара мир со Украина исклучиво под свои услови, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, во интервју за агенцијата ТАСС.
„Русија спроведува специјална воена операција во Украина и се обидува да воспостави мир под нејзини услови, токму по наши услови – тоа треба да се каже отворено, а не со условите што нашите поранешни меѓународни партнери, кои се желни да го видат воениот пораз на Русија, се обидуваат да ни наметнат“, рече Медведев.
Според него, специјалната воена операција е „тежок, но внимателно осмислен“ одговор на политиката на колективна западна русофобија.
Затоа, како што рече, Русија ќе ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да ги обезбеди своите интереси.
„Имаме наши национални интереси и ќе ги обезбедиме со сите расположливи средства“, нагласи Медведев.
Тој оцени дека амбицијата на НАТО да ги зајакне своите позиции во близина на границите на Русија личи на развој на рак и веќе стана глобален проблем.
„Што се однесува до НАТО, неговата постојана желба да се прошири во близина на границите на Русија, која се шири како рак, се претвори во глобален проблем. На сите здрави луѓе веќе им се слоши и се изморени од тоа“, рече Медведев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.
Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.
Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.