Свет
Медведев: Нацизмот е главната европска идеологија
Нацизмот е главната европска идеологија во моментот, истакна вчера потпретседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, пренесува „РТ Балкан“.
Медведев ја коментирал веста дека на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски се појавила петиција со која се бара воведување нова државна награда, орден на Степан Бандера.
„Да се воведе државна награда орден на Степан Бандера за наградување на воениот персонал за нивниот хероизам и храброст во одбраната на територијалниот интегритет на Украина“, се наведува во петицијата на веб-страницата на кабинетот на Зеленски.
Петицијата беше објавена во понеделникот и до утринава на неа се потпишале околу 200 луѓе, а за разгледување на петицијата потребни се 25.000 гласа.
Бандера беше еден од главните идеолози на украинските националисти, кои соработувале со германските нацисти пред и за време на Втората светска војна.
„Ете, и тоа го доживеавме. Нацистите во Киев бараат да се воспостави Редот на Степан Бандера. Воопшто да не ситничарите, веднаш нека биде во три степени за да можете убаво да го носите на рамото. И не само Степан Бандера. Може и за Евгениј Коновалец, а може и медал на Роман Шукевич“, напиша Медведев на „Телеграм“.
Степан Бандера бил лидер на Организацијата на украинските националисти (ОУН) и еден од главните основачи на борбеното крило на Украинската бунтовничка армија, чија цел е прокламираната борба за независност на Украина.
Украинската бунтовничка армија била формирана во октомври 1942 година и главно дејствувала во западна Украина, каде што се борела против советските трупи соработувајќи со нацистите.
Тие извршиле многу злосторства, вклучувајќи го и масакрот во Волин во 1943 година, во кој било убиено полското население на Волин, како и илјадници Украинци, кои одбиле да соработуваат со нацистите.
Прашањето за толкувањето на масакрот во Волин и односот кон лидерите на украинските националисти од тоа време е едно од најтешките прашања во односите меѓу Полска и Украина.
И Коновалец, кој бил водач на Украинската бунтовничка армија, кој се поврзал со Хитлер и планирал да крене вооружено востание во Украина, и Шукевич, политички лидер на ОУН, се украински националисти и познати нацистички соработници.
Медведев им предложи и на Германците да усвојат орден на Адолф Хитлер, на Италијанците – на Бенито Мусолини, но и на Хорти, Франко, Антонеско и на другите „европски сојузници на Хитлер“.
„Зошто да ситничарите? Ако веќе величате, тогаш земете ги сите европски нацисти. Затоа што тоа сега е главната европска идеологија“, истакна Медведев.
На крајот, исто така со ироничен тон, Медведев им предложил на Украинците дека најдобро е веднаш да воведат и орден на Владимир Зеленски.
„Никогаш не се знае. Нека има за секој случај“, напиша Медведев на „Телеграм“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

