Свет
Медведев: Русија се турка во трета светска војна
Русија се турка во трета светска војна, предупреди заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Во објавата на „Телеграм“ тој реагира на најавите дека Лондон би можел да префрли свои инструктори да ги обучуваат силите на Киев на територијата на Украина, како и на идеите од Берлин за испорака на ракети „Таурус“.
„Таквите без мозоци нè туркаат во трета светска војна“, напиша тој.
Британски „Телеграф“ објави, повикувајќи се на министерот за одбрана, Грант Шапс, дека Министерството за одбрана има намера првпат да распореди свои сили во Украина во согласност со плановите што ги разгледува воената команда, потсетуваат медиумите.
Во врска со ова, Медведев рече дека британските инструктори во Украина ќе бидат легитимна цел на руската армија и дека руските сили безмилосно ќе ги уништат не како платеници, туку како експерти на НАТО.
„Се зголемува бројот на идиоти менаџери во структурите на НАТО. Новопечениот британски министер за одбрана одлучи да ги пренесе курсевите за обука на англиски јазик за украинските војници на самата територија на Украина. Односно, да ги претвори своите инструктори во легитимна цел на нашите вооружени сили, целосно разбирајќи дека безмилосно ќе ги уништи. Во исто време, не како платеници, туку токму како британски експерти на НАТО“, напиша Медведев на „Телеграм“.
Медведев ја коментира и идејата на шефицата на германскиот комитет за одбрана, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, да испорача ракети „Таурус“ во Киев со цел режимот на Киев да ја таргетира Русија и со тоа да го отежне снабдувањето на армијата, пренесува „Спутник“.
„Тоа е како во согласност со меѓународното право. Тогаш, во тој случај, ударите врз германските фабрики, каде што се произведуваат тие проектили, ќе бидат целосно во согласност со меѓународното право“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Властите во Каракас не знаат каде се Мадуро и неговата сопруга
Властите во Каракас денеска соопштија дека не знаат каде се наоѓаат претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Венецуелската потпретседателка Делси Родригез, зборувајќи на државната телевизија, кажа дека не знае каде е Мадуро. Таа рече дека владата бара „итен доказ дека се живи“ и за Мадуро и за неговата сопруга.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави дека САД извршиле голем воен напад врз Венецуела и ги заробиле претседателот Мадуро и неговата сопруга.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social изјави дека Мадуро и Флорес биле заробени и изнесени од земјата во операција спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот.
Свет
(Видео) Страшни сведоштва на луѓе кои спасувале повредени во пожарот во Кран Монтана
Француски туристи кои случајно се нашле во близина на пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана раскажуваат за драматичните сцени и помошта што ја пружиле уште пред пристигнувањето на службите. Тие велат дека траумата ќе ја носат цел живот.
Размерите на страдањето кои ги видел за време на пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана длабоко го потресле 22-годишниот француски турист Жереми Ална кој се нашол на местото на несреќата. Тој и неговите пријатели биле меѓу првите кои им помагале на повредените, уште пред пристигнувањето на итните служби, а сцените на кои биле сведоци, вели, ќе го прогонуваат цел живот.
– Луѓето беа во толкава неволја што можевме да слушнеме силни, страшни врисоци. Двајца мои пријатели отидоа по нив. Без двоумење влегоа во барот и извлекоа човек што го најдоа на подот. Го изнесоа надвор. Еден од моите пријатели остана со него еден до еден и пол час, постојано повторувајќи му: ‘Ќе биде сè во ред, не грижи се’ – ги опиша сведокот драматичните моменти во видео-интервју за Ројтерс.
Додека помагале на тешко повредениот маж, останатиот дел од друштвото трчал низ градот за да обезбеди ќебиња и вода за другите жртви.
– Трчавме низ целиот град, до околните барови, за да најдеме ќебиња и вода. Луѓето беа многу благодарни. Ја дадов и мојата јакна. Видов дека навистина им беше потребна помош – раскажа младиот Француз.
Само еден ден претходно и самиот бил во барот Ле Констеласион, кој го опиша како тесен подрум до кој се стигнува по мало скалило.
– Она што најмногу ме шокира се сликите што ми останаа – луѓе тешко повредени од пожарот. Некои не можеше ни да се препознаат. Мислам дека ќе бидам трауматизиран до крајот на животот – вели Ална.
Смртоносниот пожар што избувна во бар во швајцарското алпско одморалиште Кран Монтана за време на прославата на Новата година, во кој загинаа најмалку 40 лица, веројатно бил предизвикан од прскалки поствани на шишиња шампањ кои биле преблиску до плафонот и го запалиле, соопштија синоќа швајцарските власти.
Ова е во согласност со фотографиите и видео снимките од барот што циркулираат на социјалните мрежи и за кои е утврдено дека се автентични.
Вкупно 119 лица се примени во болници со повреди, од кои повеќето се сериозни. Од нивр 113 се идентификувани, меѓу нив има 71 швајцарски, 14 француски, 11 италијански и 4 српски државјани. Некои од повредените се и од Босна и Херцеговина, Белгија, Луксембург, Полска и Португалија.
Надлежните органи испитуваат дали биле почитувани сите мерки на претпазливост за противпожарна безбедност и дали треба да биде покрената кривична постапка за убиство од небрежност. Ова би било случај ако лицата кои би можеле да бидат одговорни за трагедијата се уште живи.
Свет
Трамп: Го заробивме Мадуро!
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД извршиле „масовни воени напади врз Венецуела“ и дека „ги заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга“.
Трамп го објави ова во соопштение на неговата социјална мрежа Truth Social, чиј целосен текст е даден подолу.
„Соединетите Американски Држави успешно спроведоа голем државен удар против Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој беше заробен и изнесен од земјата заедно со неговата сопруга.“
„Оваа операција беше спроведена во соработка со американските органи за спроведување на законот. Повеќе детали ќе следат. Прес-конференција ќе се одржи во Мар-а-Лаго денес во 11 часот. Ви благодарам за вниманието кон ова прашање!“, напиша тој.

