Свет
Медведев: Ќе се браниме од притисокот на САД врз Арктикот
Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека Русија ќе ги брани своите позиции на Арктикот.
Тој рече дека Русија ќе се брани и покрај фактот дека членките на НАТО, пред сè, САД, сакаат да ја наметнат својата волја.
„Општо е познато дека одредени земји, пред сè, НАТО, вклучително и САД, постојано се обидуваат да ги ограничат нашите активности на Арктикот и користат разни методи за да нè спречат. Понекогаш тие градат привремена воена база во близина на нашата граница или се закануваат со санкции”, рече Медведев, пренесува ТАСС.
Според Медведев, ваквите мерки на САД се директна закана за безбедноста на Русија.
„И покрај постојаните обиди на одредени земји да ја дестабилизираат ситуацијата на Арктикот, Русија ќе ги брани своите позиции“, нагласи Медведев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка ја разгледува Полска како нова рута за увоз на гас
Словачкиот претседател, Петер Пелегрини, ја поздрави можноста земјата да увезува гас преку Полска, како алтернатива на рускиот природен гас.
По средбата со полскиот колега Карол Навроцки, Пелегрини истакна дека поврзувањето на гасните мрежи би овозможило диверзификација на енергетскиот увоз, доколку цените и транзитните такси бидат разумни.
Навроцки најави дека Полска има план да стане регионален центар за снабдување со американски течен гас. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од инфраструктурното поврзување и имаат усогласени ставови за миграцијата и безбедноста во рамките на НАТО.
Свет
Мексико: Сопругата на убиениот градоначалник ја презема неговата функција
Сопругата на градоначалникот кој беше брутално убиен за време на прославите на Денот на мртвите во мексиканската држава Мичоакан, која е погодена од насилство, ја презеде функцијата на својот сопруг, ветувајќи дека ќе продолжи со неговата борба против организираниот криминал, објави Ројтерс, цитиран од БТА.
Гресија Кирос положи заклетва како градоначалник на Уруапан, познат како престолнина на авокадото во Мексико, откако државниот конгрес едногласно го одобри потегот.
„Денес доаѓам со скршено срце затоа што ми го одзедоа партнерот во животот, таткото на моите деца, но и со храброста со која тој се спротивстави да се бори“, рече Кирос за време на положувањето заклетва.
„Тие нема да ме замолчат… Ќе ги следам неговите стапки“, додаде таа, држејќи ја шапката на нејзиниот покоен сопруг како симбол на нивното движење.
Вооружен човек со качулка го застрела и уби 40-годишниот Мансо додека присуствуваше на фестивал со свеќи, во напад што предизвика национален бес, делумно поради неговите отворени критики кон федералната влада дека не презема доволно мерки за борба против организираниот криминал.
Свет
Русија тврди дека украински војници се предале во Покровск
Рускиотo Министерство за одбрана соопшти дека украински војници од 68. ловечка бригада се предале во Покровск, откако биле опколени и, како што тврди Москва, напуштени од своите команданти, пренесе „ТАСС“.
Во соопштението се наведува дека припадниците доброволно се предале поради интензивен артилериски оган. Русија објави и сведоштва на заробени војници, кои велат дека биле без храна и лекови, а еден од нив изјавил дека се предал од очај.

