Свет
Медицински сестри ги дрогирале пациентите за да си ја олеснат работата: сами ја одредувале дозата за забава

Две медицински сестри од Велика Британија се осудени за нелегално дрогирање пациенти.
Медицинската сестра Кетрин Хадсон (54) и нејзината колешка Шарлот Вилмот (48) се прогласени за виновни затоа што на пациентите им давале седативи без нивна согласност за да им се олесни работата и за забава.
Тие беа вработени во болницата „Блекпул Викторија“ помеѓу февруари 2017 и ноември 2018 година. Во тој период работеле во одделот за мозочен удар, пренесува „Мирор“.
Полицијата почна истрага кога студент – медицинска сестра рекла дека видела како Хадсон му дава на пациент, апче за спиење, без рецепт.
Инаку, „зопиклон“ е апче за спиење што се дава во краткотрајна терапија за тешки форми на несоница и неговата употреба е забранета без лекарска наредба.
Полицајците ја пронашле и преписката што ја имале колешките, во која јасно стои дека си сугерирале да ги дрогираат пациентите и со која доза.
„Заспијте го вечерва“ и „Веќе размислувам да му дадам двојна доза“, се дел од пораките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран ја потврди смртта на уште еден нуклеарен научник убиен во израелски напади

Иран денес потврди дека уште еден нуклеарен научник е убиен во неодамнешните израелски напади.
Според новинската агенција Тасним, иранскиот Универзитет за наука и технологија соопшти дека инженерот Сулејман Солејмани, дипломиран на Одделот за хемиско инженерство, е убиен во израелските напади.
Потврдата доаѓа откако Израел соопшти дека убил 11 нуклеарни експерти и дека погодил неколку истражувачки центри поврзани со нуклеарната програма на Иран во 12-дневната воена операција.
Техеран не објави дополнителни детали за околностите на смртта на Солејмани или точната локација на нападот.
12-дневниот конфликт меѓу Израел и Иран избувна на 13 јуни, откако Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели, при што загинаа најмалку 606 лица, а 5.332 беа повредени, според иранското Министерство за здравство.
Техеран возврати со ракетни и беспилотни летала напади врз Израел, во кои загинаа најмалку 29 лица, а повеќе од 3.400 беа повредени, според Еврејскиот универзитет во Ерусалим.
Борбите беа прекинати со прекин на огнот што стапи на сила на 24 јуни, посредувано од САД, кои претходно ги таргетираа нуклеарните постројки на Иран.
Свет
Германија најавува промени: ја зголемува минималната плата по час на 14,60 евра

Германија постепено ќе ја зголемува минималната плата по час на 14,60 евра од сегашните 12,82 евра до 2027 година, според предлозите на владината комисија, кои беа објавени денес.
Планирано е минималната плата по час да се зголеми на 13,90 евра на почетокот на 2026 година, а од минатата година, Германија има највисока минимална плата во Европската унија, по Луксембург, кој пропишува месечен минимум од 2.638 евра.
Три други земји од ЕУ имаат национална минимална плата над 2.000 евра месечно – Белгија, Холандија и Ирска, објавува Ројтерс.
Овој предлог на комисијата, која ја сочинуваат работодавачи и претставници на синдикатите, мора да го спроведе германското Министерство за труд.
Свет
Рама: Велика Британија e во многу темна состојба по Брегзит

Албанскиот премиер Еди Рама ја критикуваше британската политика за азил, тврдејќи дека земјата е „во многу темна состојба“ по Брегзит.
Во интервју за Гардијан, Рама ја обвини Велика Британија дека бара „места за испраќање имигранти“ инсистирајќи на формирање центри во трети земји, во кои би ги испраќале одбиените баратели на азил кои ги исцрпиле сите законски опции, објавува „Политико“.
Британскиот премиер Кир Стармер потврди минатиот месец дека Велика Британија преговара со други земји за овој план, но не кажа во кои земји. Стармер го објави ова за време на неговата прва официјална посета на Албанија.
Рама потоа рече дека Албанија сигурно нема да биде дел од тој план, бидејќи е „лојална на договорената соработка со Италија“.
„Фактот дека ова не само што е замисливо денес, туку веќе се случува, не е поради тоа што Стармер или Риши Сунак прават нешто скандалозно, туку затоа што Велика Британија е во многу темна состојба“, изјави Рама за Гардијан.
Албанскиот премиер изјави дека предлозите на Стармер се дел од „работите што се кажуваат, пишуваат или се прифаќаат како нормален дел од дискурсот во денешна Британија“ и посочи дека пред Брегзит тоа „би било целосно неприфатливо, смешно и срамно“.
Медиумот анализира дека за време на претходната конзервативна влада на Велика Британија, Лондон и Тирана потпишаа заедничка изјава и формираа работна група за борба против нелегалната миграција, што доведе до враќање на повеќе од 1.000 албански државјани од Велика Британија.
И покрај ова, односите меѓу двете земји честопати беа затегнати поради реториката на политичарите во Лондон за тоа како албанските баратели на азил ја „напаѓаат“ Велика Британија.
На крајот од интервјуто, Рама рече дека Стармер е „многу пристојна и прекрасна личност“ и јасно стави до знаење дека британскиот премиер јавно не побарал Албанија да се приклучи на неговата програма.